Руските медиуми најавуваат: Путин наскоро ќе одржи „многу важен говор“

720

Руските провладими медиуми најавија дека претседателот Владимир Путин во петок ќе одржи „исклучително важен и многу интересен“ говор, иако не прецизираат за што се работи.

Путин говорот би требало да го одржи на годишниот Меѓународен економски форум во Санкт-Петербург, на кој вообичаено доаѓаат светски лидери и претставници на најголемите корпорации. Поради руската инвазија на Украина, годинава на форумот че има многу помалку гости од странство.

За да се надополни отсуството на високи гости од Западот, Русите ставаат акцент на доаѓањето на гостите од Кина.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков тврди дека Западот извршил притисок на некои потенцијални учесници и ги присилил да не присуствуваат на Форумот во Санкт-Петербург.

Путин вообичаено на овој Форум држи прес-конференција на која се присутни водечките светски медиуми, но оваа година и тоа ќе биде поинаку. Путин пресот ќе го одржи само со новинари од руските медиуми и воени дописници.