Рускиот патријарх Кирил го повика локалното свештенство да и помогне на руската војска која се бори во Украина.
Кирил смета дека Руската православна црква треба повеќе да и помага на руската армија, па ги повика сите црковни парохии да ги „мобилизираат своите парохијани“. Говорот на поглаварот на Руската православна црква го објави прес-службата на Московската патријаршија, пренесува Јутарњи лист.
„Ако велиме дека Црквата е со својот народ, тогаш секоја парохија треба да им помогне на оние кои се на линијата на огнот. Треба да ги мобилизираме нашите парохијани да собираат работи и храна. Барајте можности, собирајте пари, праќајте пакети, ако е можно, одете сами, поддржете ја војската“, апелираше патријархот за време на свечената трпеза во Соборниот храм Богојавление.
Во истиот говор, поглаварот на Руската православна црква ја спореди војната во Украина со Големата патриотска војна и патриотската војна од 1812 година, кога „речиси цела обединета Европа се обиде да ја освои Русија“. Сега, според патријархот, „целиот западен свет повторно зеде оружје против Русија“.
„Зошто да не се откажеме? Затоа што ние сме алтернативата, а алтернативата е многу привлечна. Русија е таа која ги отфрла најлошите манифестации на глобализацијата и стана светилник на светот. Луѓето ја гледаат Русија како земја која покажува лојалност кон традиционалните вредности, како што се семејството, чувството за должност, патриотизмот“, рече поглаварот на Руската православна црква, додавајќи дека Русија, која силно се противи на глобализацијата, ужива „големи симпатии од многу луѓе кои живеат на Запад“.
По руската инвазија на Украина, патријархот Кирил отворено ја поддржал војната. Во своите говори често споменува воени дејствија, а ги оправдува и причините за инвазијата. Меѓу другото, тој рече дека војната е предизвикана од надворешни сили за да ја ослабат Русија. Сега отиде уште подалеку и во споменатиот говор најави крај на светот во случај на пораз на Русија:
„Желбата да се победи Русија денес има многу опасни форми. Му се молиме на Господ да ги вразуми лудаците и да им помогне да разберат дека секоја желба да се уништи Русија ќе значи крај на светот“.