Докторите велат дека долгорочните последици од тешкото труење може да се проценат само подоцна
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е отпуштен од болницата „Шарите“, во Берлин каде што се лекуваше, пренесуваат агенциите.
Во писмената изјава од болницата беше наведено дека Навални, кој престојуваше во болницата од 22 август, е во добра здравствена состојба.
Исто така, се наведува дека Навални бил отпуштен од болницата вчера по завршувањето на лекувањето и дека се смета оти тој може целосно да го врати своето поранешно здравје. Во изјавата се додава дека долгорочните последици од тешкото труење може да се проценат само подоцна. Не се наведува кога Навални ќе се врати во Русија.
Во текот на враќањето од сибирскиот Томск во Москва на 20 август, 44-годишниот Навални остана без свест во авионот, а по принудното слетување беше хоспитализиран во Омск, под сомнение за „токсично труење“ со супстанција измешана во неговиот чај.