Русија ја прекина кривичната постапка против  „готвачот на Путин“

 Со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, контроверзниот лидер на платеничката воена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин се согласил да ги врати своите војници во воените бази, договорено било тој да оди во Белорусија и кривичната постапка против него за организирање вооружен бунт да биде прекината.

177
Foto: EPA-EFE/ARKADY BUDNITSKY

Борците на паравоената група „Вагнер“ го напуштија штабот на руската армија во Ростов во југозападна Русија, на чело со нивниот лидер Евгениј Пригожин, соопшти  регионалниот гувернер  Василиј Голубев.

-Колона членови на групата „Вагнер“ го напуштија Ростов и се упатија кон нивните кампови, истакна Голубев.

Во саботата со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, контроверзниот лидер на платеничката воена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин се согласил да ги врати своите војници во воените бази, договорено било тој да оди во Белорусија и кривичната постапка против него за организирање вооружен бунт да биде прекината.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков истакна дека е прекината кривичната постапка против лидерот „Вагнер“, Евгениј Пригожин, што во саботата ја отвори руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) поради повикување на вооружен бунт.

-Откако белорускиот претседател Александар Лукашенко постигна договор со Пригожин за прекин на вооружениот бунт, Песков изјави дека Пригожин ќе замине во Белорусија.

Портпаролот на Кремљ додаде дека во моментов не знаел каде е шефот на „Вагнер“.

Портпаролот на Кремљ, исто така, кажа дека сите „вагнеровци“ кои одбиле да тргнат кон Москва со Пригожин ќе можат да потпишат договори со Министерството за одбрана на Руската Федерација, како и дека државата нема да ги гони заради нивните заслуги за време на Специјалната воена операција во Украина.

-Тоа што се случи нема да влијае на Специјалната воена операција, таа продолжува според планираното, рече Песков.

Светските агенции јавуваат дека откако доцна во саботата Пригожин бил виден како го напушта регионалниот воен штаб на Јужната команда на руската војска во Ростов, околу 500 километри јужно од Москва, за него  ништо не се знае.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека понеделник ќе остане неработен ден за жителите на руската престолнина, иако е завршен вооружениот бунт на платениците од групата „Вагнер“ и пресметките на главниот пат кон градот.

Во саботата војниците на групата „Вагнер“ под контрола на Пригожин тргнаа кон Ростов на Дон, по неговото обвинување дека руската армија ги „уништува“ неговите борци. Тој истакна дека силите на „Вагнер“ ќе продолжат да го блокираат градот и ќе се движат кон Москва, освен доколку  началниците на одбраната Сергеј Шојгу и Валери Герасимов не дојдат да го пречекаат.

Пригожин вети дека ќе го запре „злото“ на военото раководство и го најави „маршот на правдата“ на неговите војници.

Москва реагираше со покренување истрага против шефот на групата „Вагнер“, кој беше обвинет за предизвикување граѓанска војна.

Како што пренесува „Политико“, групата „Вагнер“ е организација на воени платеници кои соработуваат заедно со руската армија  за време на инвазијата врз Украина, а почетоците на  оваа група се претпоставува дека се од 2014 година кога избувна конфликтот помеѓу Украина и Русија за регионот на Крим.

– Рускиот претседател Владимир Путин и Пригожин го делат истиот роден град, Санкт Петербург (тогаш Ленинград). Додека Путин се издигна од инсајдер на КГБ до руски лидер, Пригожин отслужи децениска затворска казна почнувајќи од неговите тинејџерски години, пред да започне со штанд за хот-дог, пренесува „Политико.“

Пригожин за брзо станал влијателен во угостителската индустрија пред да го привлече вниманието на Путин. Во времето кога Путин бил во највисоките ешалони на руската влада, Пригожин помагал во сервирањето на неговите државни вечери – како онаа одржана во 2006 година со тогашниот претседател Џорџ В. Буш – што му го донело прекарот „готвач на Путин“.

Во јануари, Министерството за одбрана на Обединетото Кралство проценило дека групата „Вагнер“ имала максимум 50.000 војници во својот врв, но, наводно, околу 20.000 од нив биле убиени за време на борбите во Украина.