Русија се заканува дека ќе ги прекине односите со Америка – oбјавено и зошто

86
EPA-EFE/SERGEI BOBYLEV

Русија би можела да ги прекине дипломатските односи со САД доколку Вашингтон ги конфискува руските средства замрзнати поради војната во Украина, агенцијата Интерфакс го цитираше заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков.

„САД „не смеат да дејствуваат под илузија (…) дека Русија очајно се држи до дипломатските односи со таа земја“, рече Рјабков. Русија соопшти дека односите со Соединетите Држави се „под нулата“ поради американската воена и финансиска помош за Украина во војната, која сега се приближува кон крајот на втората година.

Рјабков рече дека Русија, нема да биде таа што ќе иницира прекин на дипломатските односи, но таквото прекинување може да биде поттикнато од повеќе фактори.

„Активаторот може да биде конфискација на имот, натамошна воена ескалација, многу други работи. Тука не би навлегувал во негативни прогнози“, рече тој, додавајќи дека Москва е „подготвена за секое сценарио“. Некои западни политичари бараат замрзнатите руски средства во вредност од околу 300 милијарди долари да и бидат предадени на Украина за да помогне во обновата на нејзината економија опустошена од војната.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека секој таков потег ќе му нанесе сериозен удар на глобалниот финансиски систем. Тој рече дека Русија „никогаш нема да остави на мира“ ниту една земја, која што ќе го заплени нејзиниот имот и во такво сценарио ќе погледне каков имот од Запад може да конфискува како одмазда.

Русија на различни начини возврати на западните санкции кои имаат за цел да ја казнат за војната во Украина.

Неделава, претседателот Владимир Путин нареди на двата европски концерни, Винтершал Деа и ОМВ, да им се одземат повеќе милијарди долари вредни удели во гасните проекти на рускиот Арктик.