Русија осуди поранешен полицаец на 7 години затвор – ја критикувал војната во Украина во телефонски разговор со пријателите

64

Судот во Русија осуди поранешен полицаец за „јавно ширење лажни информации“ за војската и критикување на војната во Украина во телефонски разговор со пријателите.

Поранешниот полицаец Семиел Ведел вчера беше осуден на седум години затвор според законот што Кремљ го усвои набргу по испраќањето војници во Украина и кој активно се користеше за задушување на неистомислениците.

Покрај затворската казна, добил и четири години забрана за работа во полицијата откако ќе ја отслужи казната.

Властите го обвинија Ведел за ширење информации за руската инвазија на Украина кои отстапуваат од официјалните изјави на Министерството за одбрана.

Според обвинителите, за време на три телефонски разговори со пријателите минатата година, Ведел зборувал за Русија како „земја-убиец“, ја користел фразата „Слава на Украина“ како поздрав и тврдел дека Русија трпи „огромни загуби“ во Украина.

Официјалните лица ги сметаа разговорите за јавни бидејќи телефонот на Ведел бил прислушуван и истражителот ги слушал повиците. Тоа образложение, кое адвокатот на Ведел го отфрли како апсурдно, досега не беше користено во случаи поврзани со ширење дезинформации.

Ведел, кој е роден во Украина, рече дека споделува информации што ги добил само од пријателите во киевската полиција на кои им верува.

Од почетокот на инвазијата во Украина, Кремљ го криминализира независното известување за конфликтот и секоја јавна критика на војната, според АП.

Претходно овој месец, рускиот суд го осуди водечкиот опозициски деец Владимир Кара-Мурза помладиот за велепредавство за јавно осудување на руската војна во Украина. Тој е осуден на 25 години затвор.

Друг познат опозициски активист, Илија Јасин, минатата година беше осуден на осум и пол години затвор под обвинение за ширење лажни информации за армијата.