Германски државјанин кој беше фатен во обид да прошверцува злато во вредност од повеќе од 90 милиони рубљи (982.500 долари) во Русија се соочува со затворска казна до пет години, објавија денеска локалните царински власти во градот Псков во областа Псков во северозападна Русија, на околу 20 километри од руската граница со Естонија.
„Цариниците и членовите на ФСБ запреа 58-годишен Германец кој во својот кампер наводно носел 13 килограми златни прачки“, се вели во официјалното соопштение на руските власти објавено на платформата Телеграм, пренесува Ројтерс.
Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека е запознаено со случајот и дека на уапсениот Германец му била понудена конзуларна помош од германскиот генерален конзулат во Санкт Петербург.
Покрената е кривична постапка, а освен затворска казна, осомничениот за шверц на злато може да се соочи и со парична казна до еден милион рубљи.
Апсењето на западни граѓани во Русија, вклучително и неколку германски државјани кои неодамна беа ослободени во размена на затвореници, стана се попроблематично прашање во контекст на руско-украинската војна, пренесува Танјуг.