Русите ќе ги јадат квалитетните праски, а Македонците скапаните

Нема проблем со откупот и извозот на праските со добар квалитет, единствен проблем има со меките праски за кој нема извоз и цена и кои остануваат на домашниот пазар. Минималната откупна цена изнесува 15 денари, а Русија и понатаму останува главен пазар за пласман на праските

217

Нема застој во откупот на праски и на јаболка, состојбата постојано се следи, а во моментов претставници на МЗШВ и надлежните институции се на еден од откупните пунктови за праски во Росоман, исто како и во претходните денови, информираат од Владата.
-Откупот непречено тече, се товараат камиони за извоз. Најголемиот дел оди за Русија, но и во земјите од регионот. Моментно се откупува праска од сортата „спрингкрес”, а наскоро ќе почнат берби и од други сорти за кои се очекува подобар квалитет и пораст на откупната цена, истакна портпаролот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Соња Јанковска.
Во однос на јаболката, МЗШВ секогаш носи соодветни решенија, како што беше интервентната мерка од три денари за предадени јаболка кај откупувачи, која трае до следната недела. Со помош на оваа мерка досега се откупени над 70 илјади тони јаболка
И откупувачите велат дека нема проблем со откупот и извозот на праските со добар квалитет, единствен проблем има со меките праски за кој нема извоз и цена и кои остануваат на домашниот пазар. Минималната откупна цена изнесува 15 денари, а Русија и понатаму останува главен пазар за пласман на праските, кои освен на овој пазар се извезуваат и во Косово, Чешка, Австрија и Иран.
– Праските претежно се извезуваат на рускиот пазар за кој се потребни дополнителни анализи кои се прават за неколку дена. Инаку нема никаков проблем за извоз на квалитетните праски. Праските со тврдост од 4,5 се добри за транспорт и тие претежно одат за извоз, додека пак, меките немаат извоз и нивната цена е многу пониска. Овие праски откупувачите не ги купуваат и обично се продаваат на домашниот пазар, а нивната цена е многу пониска поради тоа производителите се револтирани, вели Енис Шериф, откупувач на праски од компанијата „Суна стар“.
Тој вели дека доколку праските се квалитетни и се извршени сите лабораториски анализи нема никаков проблем при извозот на праски.
Откупот на праски започна на 10 јуни, а се очекува да заврши до крај на август. Овоштарите велат дека покасните сорти, обично се со подобар квалитет и за нив нема проблем при откупот и извозот. (А.С.)