Иако шаманизмот се поврзува со религиозните практики на средна и северна Азија, во нашите русалиски обичаи и нивното директно влијание врз обичаите и верувањата кај македонскиот човек, може да се забележат многу од шаманистичките елементи.
Во верувањата на древниот човек шаманот се перципирал како свештеник, исцелител, закрилник и мистик. Се верувало дека душата на шаманот во состојба на транс предизвикан најчесто од звук на тапан има способност да го напушти телото и да патува по космосот, да се качува во небесниот свет и да се симнува во светот на подземјето.
Шаманот се смета за закрилник на племето и племенските обичаи, митови и легенди, едноставно тој е чувар на материјалното и духовно богатство на заедницата.
Сепак, најзначајна останува улогата на исцелител кој ја доживува болеста во облик на губење на душата која залутала под влијание на некој зол дух.
Деновите од Божиќ до Водици – Богојавление меѓу македонскиот народ се познати како некрстени, погани и нечисти денови. Според народните верувања, во овие денови по земјата шетаат зли духови, демони, лоши сили. Токму овие дванаесет некрстени денови до Водици се тесно поврзани со русалиската традиција во Македонија.
Овој период во себе вклучува обреди и верувања кои немаат христијански обележја, туку по својата форма и функција му припаѓаат на фолклорот и претставуваат вид траги од древните претхристијански култови и верувања, во кои ја препознаваме симболиката на привремено бришење на границите меѓу светото и профаното.
Во времето на т.н. погани дни по селата меѓу Ениџе-Вардар и Кукуш оделе дружини наречени русалии да собираат пари и подароци за градење нова црква, како и да ги истераат злите духови од домовите на луѓето, а во некои случаи да излекуваат болен човек.
Русалиската дружина ја сочинувале од 20 до 60 мажи на возраст од 20 до 40 години кои формирале 10-20 пара, секој пар претставувал едно неразделно цело, а сите заедно формирале еден танц или едно оро.
Танцот придружен со екстазата, а предизвикан од силната моќ на музиката е начинот како да се отстрани границата меѓу световите, а русалијата, од обичен човек, станува медијатор меѓу материјалниот и духовниот простор.
Исцелителската функција на обредното танцување и врската на македонските русалии со култот кон мртвите неоспорно го поврзуваат овој обред со шаманистичките искуства на древниот човек. Шаманистички елементи препознаваме и во танцот на русалиите.
Денес русалиската игра ја негуваат само културно-уметничките друштва од некои краеви во Македонија, како што се струмичкиот и гевгелиско-валандовскиот регион, кои се обидуваат да ја зачуваат оваа древна традиција.
Едно од тие друштва е и КУД „Танец“ од Миравци, Гевгелиско.
Во почетокот на јануари 1936 година група од 18 русалии од Миравци, заминуваат на интернационалниот фестивал за фолклор и игри во Лондон, В.Британија, каде ја освојуваат престижната втора награда.
Групата се состоела од 15 играорци и тројца музичари.
Според зборовите на британскиот експерт Мод Карпелес играта на Русалиите била совршена, и невидена за јавноста во Лондон. Со тоа тие привлекле и многу внимание кај медиумите.