Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска изјави дека Техеран би можел да го блокира пристапот на инспекторите на ОН до иранските нуклеарни постројки.

Рохани изјави дека тоа може да се случи доколку неговата земја се соочи со нова ситуација.

-Ќе биде продлжен трендот на инспекции што се спроведуваат до денеска, секако, доколку не се соочиме со нова ситуација, рече Рохани во текот на состанокот со шефот на европската дипломатија Жосеп Борел.

Посетата на Борел на Иран, прва по неговото стапување на должноста, се толкува како најнов обид на ЕУ да го сочува меѓународниот нуклеарен договор на Иран и големите светски сили од 2015 година.

Рохани кажа дека Иран е подготвен за ангажманот со Европа.

-Кога другата страна во целост ќе ги исполни своите обврски, Иран ќе се врати кон почитувањето на своите обврски, наведе Рохани.

Велика Британија, Франција и Германија во јануари го активираа посебниот механизам од договорот за да го присилат Иран на разговори, а овој процес може да резултира со враќање на санкциите на ОН и ЕУ за Техеран.