Поранешниот италијански фудбалер, Антонио Касано, ја заврши кариерата пред шест години по краткиот период во Верона. Секако, најубавите денови ги помина во Рома, од каде се пресели во Реал (М), но таму никогаш не ги оправда очекувањата.
По авантурата во „кралскиот клуб“, тој се врати во Италија каде имаше забележителни настапи за Интер, Милан и Парма. Подоцна замина во Сампдорија каде исто така одвреме-навреме го покажуваше својот талент.
Сепак, јасно е дека Касано никогаш во целост не го исполни потенцијалот што го имаше, а тоа најмногу се должеше на неговиот карактер и тоа што се скара со речиси секој тренер со кој работеше.
Касано поради своите изјави често е во центарот на вниманието на фудбалската јавност, а така беше и пред неколку дена.
Веќе е добро познато дека тој не е голем фан на Кристијано Роналдо и често вели дека неговиот успех е претеран, а дека Лионел Меси е далеку подобар фудбалер.
Дека Касано навистина не го сака Португалецот повторно покажа во подкастот каде дури изјави дека Роналдо не знае ни да игра фудбал.
„Кристијано Роналдо не знае да игра фудбал. Може да постигне 3.000 гола, не ми е гајле. Игуаин, Агуеро, Бензема, Левандовски, Ибрахимовиќ и Суарез знаеја како да се вклопат во тимот и да соработуваат со своите соиграчи“, изјави Касано и додаде:
„Знаеја многу повеќе работи од Роналдо, чија главна и единствена цел отсекогаш била да дава голови. Нему не му беше ни важно дали неговиот тим ќе победи или загуби, само сакаше да постигне гол“.