„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Капка веселба“ на современиот босански писател Селведин Авдиќ, во превод од босански јазик на Ленче Тосева. Во оваа книга се сретнуваат онтолошките и психолошките дилеми и рафинираната естетика на Дејвид Линч со лична меморија и одредена носталгија за подемот и оптимизмот на социјалистичкиот период.
„Овој роман се чита како поетична посвета на предвоена Зеница во Босна и истовремено како ламентација за постранзицијата, односно за тоа што останало од мултикултурниот и индустриски организам. А тоа се неговите жители, одеднаш изгубени и несреќни. Главниот јунак Миран се враќа во градот по војната, еден ден после земјотрес и голема поплава. Тој ќе се обиде да живее мирно, во трошна зграда, со разнобојни соседи и спомени, ќе започне љубовна врска со Верена, поранешната сопруга на кралот Банана, која е само дел од моќната и чудна галерија на ликови во романот. Приказната за Миран ќе биде заменета со приказната на шефот на хотелската сала на хотелот ‘Металург’ во градот ‘лулка на пролетаријатот’: за темнината, за отворената врата на подземјето што ги зафатило луѓето, за злото што доаѓа и расте, за падот и самракот на цивилизацијата, за вознемиреноста и паранојата, за некои апокалиптични или темни теми…“, ќе посочи издавачот.
Селведин Авдиќ (1969, во Зеница) е босански писател и новинар. Во 2004 ја објавил збирката раскази „Потстанари и други фантоми“. За расказите од оваа збирка има добиено неколку награди на различни конкурси на списанија. На македонски јазик е објавен и неговиот роман „Седум стравови“ (2010) кој британски „Гардијан“ го смести меѓу петте најдобри романи објавени таа година на англиски јазик. Во 2017 го објави романот „Капка веселба“. Автор е и на книгата „Мојата фабрика“, што како театрализирана биографија на градот Зеница е неколкупати наградувана.