Рокас не шпекулира со хипотези – нема одговор дали Брисел прифаќа одложено дејство

Сите политички страни во земјата да се обединат и да преземат решителен чекор напред, а тоа се уставните измени, го повтори ставот на Брисел евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас. И Рокас, како и Фон дер Лајен, не одговори конкретно дали за Брисел се прифатливи уставни измени со одложено дејство без промена на Преговарачката рамка и дали за ова прашање земјава прво ќе треба да постигне договор со Бугарија. Евроамбасадорот рече дека не може да шпекулира со хипотези и се повика на изјавата што Фон дер Лајен ја даде за време на нејзината посета на Скопје. И министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во ист стил како и евроамбасадорот одговори на прашањето дали властите во земјава имаат друг план за да продолжат разговорите со Бугарија, доколку кај источниот сосед не се состави политичка Влада. Муртезани рече дека не е момент да се градат хипотетички тези

50

Се нижат пораките од Брисел за политички консензус во Македонија за усвојување на уставните измени. По посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објавувањето на извештајот за напредокот и потсетувањето на иста линија од портпаролката на комисијата, Ана Писонеро, во петокот и евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, порача сите политички страни во земјата да се обединат и да преземат решителен чекор напред, а тоа се уставните измени, со цел, како што кажа, да ги вклучи граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи како што се Бугарите, а на што се согласи дека ќе го направи. И Рокас, како и Фон дер Лајен, не одговори конкретно дали за Брисел се прифатливи уставни измени со одложено дејство без промена на Преговарачката рамка и дали за ова прашање земјава прво ќе треба да постигне договор со Бугарија. Евроамбасадорот рече дека не може да шпекулира со хипотези и се повика на изјавата што Фон дер Лајен ја даде за време на нејзината посета на Скопје.

-Невозможно е да шпекулирам за хипотези, но она што е кристално јасно и што би сакал да го кажам е дека кога претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен беше на истава оваа говорница, таа кажа јасна порака и би сакал да ја цитирам. Прво, имаше дискусија за одличната соработка и таа секако се заблагодари на Северна Македонија за тоа и потоа „имаме јасна цел, тоа да се отвори Кластерот Основи што е можно побрзо. Речиси сме стигнати до таму. Знаеме дека се работи за уставните измени кои вашата земја се обврза да ги спроведе. Сега потребни ни се заеднички напори, соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата ќе се обединат и ќе го преземат овој решителен чекор нанапред“ и потоа продолжи дека е уверена исто како што кажа и премиерот дека може да ги надминеме пречките кои се сè уште таму и кои сè уште таму постојат. Толку имам да кажам, рече Рокас на заедничката прес-конференција со македонскиот министер за европски прашања, Орхан Муртезани.

Брисел со 120 препораки за Македонија

Во однос на тоа зошто во овогодишниот извештај договорите со Грција и Бугарија се наведени уште на првата страница во вториот пасус од Извештајот на ЕК и дали тоа значи дека Брисел смета дека земјава недоволно добро ги исполнува договорите со соседите, евроамбасадорот појасни дека Извештајот има поинаква структура за да може полесно да се чита, но и дека добрососедските односи остануваат суштински елемент во процесот на проширување. Рокас потврди дека земјава ќе ја добие поддршката од Унијата.

-Има поинаква структура во извештајот за земјата, со цел да може полесно да се чита и е покус, и секако сите 120 препораки се споменати однапред, а тука е и овој дел. Не постои друга причина, се работи само за тоа сите да се фокусираат на суштинските елементи каде што ние ги даваме препораките за да може полесно да се чита и потоа сите да преминат на другите страници за да видат што всушност сме анализирале. Секако, не треба да се каже дека добрососедските односи, регионалната соработка остануваат како суштински елемент од процесот на проширувањето, рече Рокас.

Шефот на ЕУ делегацијата, кој презентираше делови од Извештајот, посочи дека земјава треба да продолжи паралелно да ја испорачува имплементацијата на реформите поврзани со ЕУ, особено во Кластерот Темели, кој ги опфаќа судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, а довербата во правосудниот систем треба да биде засилена. Рокас рече дека корупцијата треба да се решава преку добар след на случаите во судовите и во обвинителствата.

-Комисијата се стреми кон следење на скрининг извештајот по однос на основите, како и патоказите кои се усогласени со Преговарачката рамка со цел да се отвори првиот кластер што е можно побрзо и кога ќе бидат исполнети релевантните услови. Особено што се однесува до нашата проценка оваа година има извесен напредок што е постигнат во областа против организираниот криминал од страна на земјата и ограничен напредок во судството, каде што се бележи подобрување во споредба со минатата година кога не беше забележан напредок. Зборував за борбата против корупција каде што, за жал, нема напредок, но има позитивни елементи и тие се забележани во областа на земјоделството, руралниот развој, риболовот, транспортните и регионалните политики, рече Рокас потенцираше дека позитивен дел од извештајот е тоа што земјата останува целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика.

Благ нагорен тренд

И министерот Муртезани во ист стил како и евроамбасадорот одговори на прашањето дали властите во земјава имаат друг план за да продолжат разговорите со Бугарија, доколку кај источниот сосед не се состави политичка Влада. Муртезани рече дека не е момент да се градат хипотетички тези.

-Тоа што е битно во моментот е дека сè што требаше да се каже е кажано, сега е време да се работи на изнаоѓање на решение, рече Муртезани.

Министерот истакна дека Извештајот се објавува во еден ден, но неговото читање трае 365 дена, зашто тој не е само оценка за нашите досегашни активности, туку и патоказ за следните чекори на нашиот европски пат. Тој рече дека во овој Извештај има напредок, односно благ нагорен тренд.

-Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2024 година е добро ниво на подготвеност, односно 3,22 во споредба со 3,13 во 2023 година. И таа е солидна и константна во однос на повеќе години претходно. Во однос на останатите земји кандидатки од регионот би напоменал дека нашето ниво на подготвеност е сè уште највисоко, што е уште еден показател дека Северна Македонија не само што е подготвена за пристапните преговори, туку компаративната анализа укажува на тоа дека имаме кумулиран напредок, рече Муртезани и додаде дека е клучно зајакнување на капацитетите на институциите за имплементација на реформите.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски деновиве оцени дека би било наивно до Собранието да се достави предлог за уставни измени со одложено дејство пред да се формира влада во соседна Бугарија, која ќе може да преземе политичка одговорност. Според него, таков унилатерален потег би значел целосно загрозување на евроинтеграциите на земјава кои, вели, се веќе загрозени од авантурите на претходната власт. Премиерот стои цврсто на ставот дека Владата нема да презема какви било чекори пред за тоа да добие јасни сигнали и од Софија и од Брисел дека процесот на интеграција ќе има јасен крај. (В.С.Н.)