Роден во советска касарна, сакал да биде комичар, а станал генерал: Дали Залужни сака да му го украде „шоуто“ на Зеленски?

324
EPA-EFE/OLEG PETRASYUK

Генералот Валериј Залужни, популарен командант на украинската армија, бил повикан во кабинетот на претседателот Володимир Зеленски каде му било кажано дека ќе биде разрешен, објави Си-Ен-Ен.

Американската телевизија наведува дека тоа се случило во понеделникот и се повикува на два извори.

Се вели дека оваа информација се појавила по неколкунеделни зголемени шпекулации во врска со заладените односи меѓу Зеленски и шефот на вооружените сили на Украина.

Си-Ен-Ен наведува дека се уште нема официјална најава за промената, но дека еден од изворите рекол дека претседателскиот декрет се очекува до крајот на оваа недела.

Се наведува дека ова ќе биде најголемата промена на раководството во украинската армија што Зеленски ја спроведе од почетокот на целосната инвазија што Русија ја започна во соседната земја пред речиси две години.

„Гардијан“ се занимава и со односот меѓу Зеленски и Залужни и забележува дека за претседател кој ја извршува таа функција во време на војна, единствената политичка закана поголема од популарниот генерал би бил популарен генерал кој е сменет без церемонија.

Британскиот весник наведува дека ова е ризик што Зеленски очигледно е подготвен да го преземе, бидејќи не успеал да го убеди Залужни да си поднесе оставка.

Се вели дека Зеленски е несомнено најпознатото лице на Украина во светот, но дека дома Залужни е негов ривал по популарност.

Сликата на Залужни може да се најде на безброј постери низ Украина и на интернет мемиња споделени од луѓе од таа земја.

На еден е прикажан како лично го испорачува рускиот претседател Владимир Путин до Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Олексиј Гончаренко, опозициски пратеник и сојузник на Залужни, вели дека ова ривалство е самата суштина на актуелната криза меѓу Зеленски и генералот.

Гардијан пишува дека 50-годишниот генерал се смета за олицетворение на воената трансформација на Украина од советски стил на почитување на хиерархијата во модерна, западна вооружена сила каде што на помладите офицери им е дозволено да носат вистински одлуки во жештината на битка наместо да чека наредба од претпоставените.

Се вели дека Залужни е буквално дете на стариот систем, бидејќи е роден во 1973 година во советската касарна на северот на Украина каде што служел неговиот татко.

Меѓутоа, како што растел, сакал да се ослободи од тоа воено наследство и на почетокот желба му била да стане комичар, што е истата професија со која се занимавал Зеленски пред да влезе во политиката.

Сепак, семејната традиција преовладувала и Залужни дипломирал со највисоки оценки во 1997 година на Институтот за копнени сили во Одеса.