Ракометарите на Алкалоид се пласираше во 1/8 финалето на Европскиот куп и со тоа испиша уште една успешна страница во клупската историја. По триумфот од 38:27 на првиот натпревар со австрискиот тим Вест Виена, Алкалоид славеше и на реваншот со 32:29 што исто така се играше во Автокоманда, но официјално домаќини беа Австријците, по што го потврди пласманот во следното коло.

РК Алкалоид противникот за следното коло кое пак ќе се игра во февруари, ќе го дознае во вторник.

-Најважно од се ни беше да се пласираме во следната фаза и тоа го остваривме. Игравме против една квалитетна и млада екипа од Австрија која ни покажа како се игра и како се бори до последен здив, на специјален и модерен начин. Ми се допадна нивниот менталитет, дека не се предадоа во ниеден момент, иако првиот дуел го загубија со 11 разлика. Им дадов шанса на сите играчи во овие два натпревари, знаев дека во моментов сме подобар и поискусен тим, малку и ризикувавме, но треба да знаеме со што располагаме. Морам да кажам дека сум незадоволен од презентацијата на неколкумина наши играчи, треба да работиме и сите да се свесни дека мора да менуваме стари навики доколку сакаме да бидеме на ниво кое јас како тренер го посакувам и ние како клуб Алкалоид го посакуваме. Загрижен сум, затоа што во иднина не очекуваат потешки натпревари. Околу следната фаза, не ги знам сите имиња на можните ривали. Но, од оние кои се тука, скандинавските екипи ни се непознаница, би сакал да го избегнеме Олимпијакос, но ќе видиме кога ќе ја добиеме целата листа, кажа тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров.

Најдобри стрелци кај Алкалоид на овој натпревар беа Мартин Серафимов и Александар Петковски кои дадоа по седум гола, додека кај Вест Виена, Мелешниг погоди пет пати.