Чукунвнуката на британскиот полицаец кој го истражуваше идентитетот на познатиот сериски убиец познат како Џек Мевосек, денеска изјави дека знае кој убивал проститутки во Лондон на крајот на 19 век.
Со текот на годините, неколку десетици луѓе беа осомничени за серија убиства, вклучувајќи членови на кралското семејство и премиери.
Во книгата што ќе биде објавена во август, Сара Бакс Хортон, потомок на полицаецот кој бил во центарот на истрагата, го идентификувала Хајм Хајмс како убиец, врз основа на изјавите на очевидци.
Таа денеска за британските медиуми изјави дека ова е прв пат Хајмс да биде означен како озлогласен убиец. Хајмс бил производител на пури, боледувал од епилепсија, бил алкохоличар кој неколку пати престојувал во психијатриски установи.
Хајмс бил повреден во несреќа која му ја влошила состојбата и го спречила да работи. Авторот на книгата изјавил дека редовно ја силувал сопругата мислејќи дека таа го изневерува, а бил уапсен откако со секира ги нападнал сопругата и мајка му.
Очевидците потоа опишаа маж на околу триесет години, со вкочанета рака и свиткани колена.
Сара Бакс Хортон ги пронашла медицинските досиеја на Хајмс кои укажуваат дека во 1888 година, на 35-годишна возраст, тој претрпел повреда што го спречила да ја „свитка или да ја рашири“ левата рака, дека има проблеми со коленото и страдал од тешка форма на епилепсија со чести напади.
Најмалку шест жени биле убиени во областа Вајтчепел помеѓу август и ноември 1888 година.
Медицинските податоци укажуваат дека промената на неговиот физички изглед и влошувањето на неговата психичка состојба се совпаѓаат со периодот на убиствата. Убиствата престанале по ноември 1888 година кога Хајмс бил пронајден на улица како скитник и одведен во психијатриска установа.
Мистеријата околу идентитетот и мотивите на овој убиец, чиј идентитет никогаш не е откриен, заинтригира бројни истражувачи и инспирираше бројни автори да напишат книги за него.