„Лозаноски е автор со богат истражувачки дух, кој смело ги прифатил и внел предизвиците на новото време во своето творештво, независно за каков ликовен медиум станува збор, цртеж, слика или графика. Изборот на темите укажува на богат, разновиден опус, во чија суштина лежи неговата голема приврзаност кон родниот Прилеп, амбиент или пејсаж, кој како и да го кажете, зрачи од неговите дела, портрети, пејсажи, дела со битова или историска тематика“, посочи на отварањето на изложбата Марија Станчевска-Ѓоргова, државниот секретар во Министерството за култура и туризам
Во Даут-пашиниот амам завчеравечер беше отворена јубилејната изложба по повод 100 години од раѓањето на еминетниот македонски сликар Ристо Лозаноски. Карактеристичното творештво на овој исклучителен автор кое зазема посебно место во развојот на македонската ликовна уметност, беше проследено од посетителите со огромен интерес. Пред присутните беа претставени 90 дела од сите творечки фази на Ристо Лозаноски, од кои 42 слики, 46 цртежи и 2 графики.
„Лозаноски е автор со богат истражувачки дух, кој смело ги прифатил и внел предизвиците на новото време во своето творештво, независно за каков ликовен медиум станува збор, цртеж, слика или графика. Изборот на темите укажува на богат, разновиден опус, во чија суштина лежи неговата голема приврзаност кон родниот Прилеп, амбиент или пејсаж, кој како и да го кажете, зрачи од неговите дела, портрети, пејсажи, дела со битова или историска тематика. Неговата оригинална и карактеристична умешност е токму способноста да го обедини индивидуалното, личното и локалното со тенденциите на светската уметничка сцена, а кое воедно го прави неговото творештво безвременско и инспиративно“, посочи на отварањето на изложбата Марија Станчевска-Ѓоргова, државниот секретар во Министерството за култура и туризам. Таа додаде и дека творејќи и инспирирајќи се од македонското поднебје, историја и култура, воедно и како непосреден сведок на историски настани, Лозаноски, на специфичен ликовен начин го изразува она што неговиот авторски порив го бара и сака да го изрази. “Без оглед на техниката или големината во која се изведени делата, одушевува фактот дека сите тие, дури и оние со мал формат оддаваат впечаток на грандиозност“, истакна Станчевска-Ѓоргова.
Директорката на Националната галерија, Маја Неделкоска –Брзанова, пак, посочи дека Ристо Лозаноски, автор кој и припаѓа на повоената генерација сликари, е еден од оние кои го обележаа овој период.
„Да се изврви патот и да се одговори на предизвикот во време на бурни историски турбуленции и продор на нови идеи и стилски тенденции секако не било лесно, но Ристо Лозаноски успеал во својот релативно краток животен век и творечки пат со оглед на неговата прерана смрт (на само 42 години), да остави зад себе творештво кое претставува силен поттик за идните генерации… Станува збор за автор кој имал широк интерес во поглед на ликовниот израз и изборот на темите кои го окупирале, од портрети, актови и фигури, преку мртви природи, пејзажи и историски (епски, револуционерни) теми, па сè до теми со одредени реминисценции на традиционалните мотиви, со етнолошка (битова) тематика“, кажа меѓудругото Неделкоска-Брзанова.
Куратор на изложбата, која во Даут-пашиниот амам ќе биде поставена до 27 февруари 2025, покрај Маја Неделкоска –Брзанова е и Маја Чанкуловска- Михајловска, виш кустос при Националната галерија на Македонија. Таа пред присутните, меѓу кои и членови на семејството Лозаноски, ги спомна и биографските податоци за уметникот, истакнувајќи дека за својот краток животен век тој остварил 20 самостојни изложби.
“Последната монографско-ретроспективна изложба е организирана во 1986 година во Музејот на современата уметност, по што во 1995 година следи и изложбата на цртежи од болничкиот циклус. Овој податок е значаен бидејќи од последното големо ретроспективно претставување на творештвото на Ристо Лозаноски се поминати точно 38 години“, додаде Чанкуловска-Михајловска. (Д.Т.)
Фото: Игор Василев