Реформите во правосудниот систем се неопходни за да се стигне до двоцифрена доверба: Само катарза ќе ги исфилтрира судството и Обвинителството

45

Мнозинството не може да му биде потчинето на малцинството. Малцинството самото ќе се катализира и исфилтрира и ќе биде безгласно. За жал, малцинството сега е на клучни позиции и затоа ни треба ова мнозинство да го победи малцинството, со тоа што самите тие ќе си го изберат тоа што мислат дека им треба. Еве, ние нема да се мешаме, ќе седиме настрана и ќе оставиме тие самите да ја направат таа катарза, да се исфилтрираат и тоа што е лошо – да го отфрлат од системот. Доброто да го победи лошото – вели премиерот Мицкоски

Реформи во правосудниот систем, кој има рејтинг од само 2% доверба кај граѓаните, се неопходни, сметаат експертската и меѓународната јавност, но сите се разликуваат по начинот на кој би се спроведувале тие реформи. Американската амбасадорка Анџела Агелер деновиве, на прашањето за тоа како треба да се спроведат реформите, истакна дека секоја реформа на Судскиот совет и секоја реформа воопшто на правосудниот систем треба да се направат многу внимателно, треба внимателно да се разгледаат и да се донесат мудри одлуки.

– Мојот заклучок на прашањето дали се потребни реформи во судството е: „Да, апсолутно се потребни“ – рече Агелер.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, на конференцијата за напредокот во спроведувањето на препораките од Оценската мисија, која неодамна се одржа во Скопје, изјави дека распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е директно мешање во независноста на судската власт и смета дека доколку се случи тоа, ќе предизвика сериозна загриженост кај ЕУ. Гир истакна дека напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин кој, како што вели, би ги нарушил принципите на поделба на властите. По ова, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „стана практика амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата“, додавајќи дека треба да понудат решенија за проблемот со довербата во судството и нагласи оти е отворен за разговор.

Во последното интервју за „Фокус“, изјави дека и покрај тоа што постојат многу основани сомненија за криминали што треба да се испитаат по допрен глас од страна на Обвинителството, во овој момент гледаме дека има нула дејство и истраги, па затоа потенцираше дека се потребни итни реформи во правосудните органи.

– Јас секогаш сум заговорник на идејата дека секој заслужува шанса. Ние нема да се однесуваме како СДСМ и нема да ги злоупотребуваме пратениците, да беседиме во Парламентот за да го смениме. Секој заслужува шанса, така и овој (Љупчо Коцевски) заслужува шанса, па да видиме дали ќе ја искористи таа шанса. Ако не ја користи таа шанса, јавно ќе зборувам. За жал, почетокот не му е добар – рече премиерот Мицкоски.

Зборувајќи за Советот на јавни обвинители и за Судскиот совет, премиерот Мицкоски нагласи дека досега никој нема понудено друг модел, затоа тоа што го нуди Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е судиите и обвинителите сами да изберат кој ќе биде во овие две институции, како и да добијат поголема независност, преку автономен буџет процентуално врзан со вкупниот буџет.

Излегуваат вечни експерти, го критикуваат моделот и наеднаш потоа гледаме слични или исти презимиња стануваат членови на Судскиот совет. Нека ми дадат модел. Убаво е вака отстрана да набљудуваме и да кажуваме како не треба. Нека кажат како треба – изјави премиерот Мицкоски.

Додаде дека иако не се сите судии и обвинители роднински поврзани или корумпирани, или држеле предмети во фиока, тие се малцинство, но, за жал, се на клучни позиции и мнозинството им е потчинето.

– Има такви судии и обвинители што се роднински поврзани, но не се сите, туку се малцинство. Има и такви што се корумпирани, но не се сите, туку се малцинство. Има и такви што држеле предмети во фиока и не ги процесуирале, но и тие се малцинство. Мнозинството не може да му биде потчинето на малцинството. Малцинството самото ќе се катализира и исфилтрира и ќе биде безгласно. За жал, малцинството сега се на клучни позиции и затоа ни треба ова мнозинство да го победи малцинството, со тоа што самите тие ќе си го изберат тоа што мислат дека им треба. Еве, ние нема да се мешаме, ќе седиме настрана и ќе оставиме тие самите да ја направат таа катарза, да се исфилтрираат и тоа што е лошо – да го отфрлат од системот. Доброто да го победи лошото – рече премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека воедно, преку комисија за надзор над работењето на овие институции, може да се врши надзор во Парламентот.

– Таа комисија ќе биде составена од пратеници и од власта и од опозицијата. И тие ќе имаат можност да прават редовни и вонредни контроли и да видат дали има злоупотреби. Ако има, планираме законски интервенции, па и кривично гонење, не само разрешување – изјави премиерот Мицкоски.

Судството и Обвинителството влегоа во клинч и со Министерството за финансии, за парите во ребалансот на буџетот. Правосудството тврди дека им се кратат пари, од Финансии им одговараат :на Обвинителството и на судството не им се скратени средства. Има кратење само во делот на новите вработувања, затоа што вработувањата не биле реализирани онака како што биле буџетирани. Од Министерството појаснуваат наместо за нови вработувања, судството и Обвинителството си ги трошеле парите за плати.