Ретроспективна изложба на Глигор Стефанов – „Грабење на просторот“

166

Во Музејот на современата уметност, вечерва (19 јуни), со почеток од 21 часот, во рамки на фестивалот Скопско лето, ќе може да се види ретроспективната изложба на македонскиот уметник Глигор Стефанов, насловена „Грабење на просторот“.

Уметникот Стефанов кој живее во Канада, по 30 години се враќа на македонската сцена, а е отсутен од 1986 година кога имал изложба во Музејот.

„Кога се работи за ретроспективна изложба се смета дека уметникот треба да ги изнесе делата од свето ателје, но ние со МСУ таква изложба не можевме да направиме, бидејќи требаше да направиме изложба на непостоечки дела. Некои од моите дела изгореа во пожар во Лондон, некои се изгубени во Сараево за време на војната, а беше тешко и затоа што имавме малку фотографии од делата. Мојата идеја беше да направиме ретроспектива на процесот на размислување кој го имав изминативе години, кој за македонски и југословенски услови беше необичен процес и да направиме ретроспектива на неостварени дела преку скиците и проекти кои ги имам. Секогаш сакав МСУ да го накитам со црвени пиперки, но таков проект никогаш не можеше да се оствари бидејќи е многу скап. Или да ставиме тутун… Интересно е дека додека се подготвуваше изложбата, не можев да најдам едно кило природен памук да купам, ниту пак долга слама, тоа беше вистинска потрага, а ја свртев цела Македонија. Инаку, целата изложба е поделена на три дела со една голема инсталација од сите мои циклуси и е едно мое видување после 30 години во Македонија“, истакна Стефанов кој посочи дека колку што изложбата е ретроспективна, толку е и нова.