Потрошувачката на антидепресиви во Европа е двојно зголемена во последните две децении, покажуваат податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Драматично зголемување на анксиозноста и депресијата е забележано и за време на пандемијата на коронавирус.
Податоците на ОЕЦД покажуваат потрошувачка на дефинирана дневна доза на антидепресиви кои се користат во лекувањето на ендогени и егзогени депресии.
Просечната потрошувачка на антидепресиви во 18 европски земји беше 30,5 дефинирани дневни дози на 1.000 луѓе дневно во 2000 година, а се зголеми на 75,3 во 2020 година.
Чешката Република забележа најголем пораст, додека Франција забележа најмала разлика во процентот на употреба на антидепресиви во период од 20 години, иако исто така беше на релативно високо ниво.
Додека порастот во Франција е многу мал, особено во последните 15 години, во Португалија е исклучително висок. Исланд, кој беше втора најсреќна земја во светот во 2020 година според Светскиот извештај за среќа, има најголема потрошувачка на антидепресиви во Европа.
Шведска, која се најде на шестото место во „Извештајот за среќа“, има четврта најголема употреба на антидепресиви со 105 дефинирани дневни дози.
Потрошувачката на антидепресиви е намалена само во Данска во последните 10 години, за четири отсто.
Гледајќи ги промените во последната деценија, Естонија забележа најголем пораст со 133 отсто, додека потрошувачката се зголеми за само два отсто во Франција.
Во 2020 година, антидепресивите учествуваа со четири отсто од фармацевтската продажба во Португалија, во споредба со 2,7 отсто во Шпанија, 2,2 отсто во Австрија, 1,9 отсто во Турција и 1,4 отсто во Германија.
Во 2019 година, меѓу земјите на ЕУ, Португалија (12,2 отсто) имаше најголем удел во населението со хронична депресија, а потоа следат Шведска (11,7 отсто), Германија и Хрватска (и двете по 11,6 отсто).
Процентот на луѓе кои пријавиле хронична депресија е најмал во Романија (еден процент), Бугарија (2,7 проценти) и Малта (3,5 проценти).