Остануваат уште пет дена до истекување на рокот за доделување на мандатот за формирање на новата Влада, по парламентарните избори на 8 мај. Шефицата на државата е должна да го довери мандатот најдоцна до петок. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потврди дека оваа недела ќе му го довери мандатот на актуелниот претседател на ВМРО- ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски, за формирање на новата Влада. Иако не кажа кој ден ќе му го довери мандатот, според роковникот, тоа мора да се случи најдоцна до петок.

Според најавите, Мицкоски не планира целосно да ги искористи роковите, кои завршуваат најдоцна до крајот на идниот месец и новата Влада би можела да биде изгласана до 20 јуни.

Во меѓувреме, преговорите околу формирањето Влада на тимовите на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „Вреди“ влегоа во завршна фаза.

Очекувајќи во секој момент да биде објавено како ќе изгледа распределбата на министерските места, викендов Алијанса за Албанците на Зијадин Села упати критики дека коалицијата „Вреди“ добила незначителен дел од колачот при преговорите за состав на идната Влада.

– Во текот на овие три децении, Албанците воделе најмалку пет од 15 министерства, потоа шест од 15 ресори и на крајот осум од 16 министерства, без да се споменуваат министрите без ресор и вицепремиерите. Се случува за прв пат Албанците да водат само четири министерства во најавената Влада од ВМРО-ДПМНЕ и на „Влен“, и тоа четири од 16 министерства – се наведува во соопштението од Алијанса на Албанците (АА), предводена од Зијадин Села.

Коалицијата „Вреди“ возврати на обвинувањата на Алијанса за Албанците на Села, наведувајќи дека „Вреди“ добила значајни позиции. Исто така,  рекоа дека „броењето ресори со кои раководат Албанци е концепт што е надминат и не донел ништо добро за нивната кауза.

– Напротив, благодарение на политичката корупција на режимот на ДУИ, чии функционери ги гледаа ресорите како алатки за богатење наместо да бидат сервис на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ на овие избори освои 58 пратеници и преговара од позиција на апсолутен победник во македонскиот политички блок – велат од „Вреди“.

Преговорите за состав на идната Влада, според наши извори, се речиси завршени, комплетиран е првиот ешалон, а се прецизираат и вториот и третиот. Според последните непотврдени информации, веќе е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ зема 11 министерства, меѓу кои и клучните ресори со кои ќе раководат кадри од партијата на Мицкоски, а како имиња се споменуваат партиските потпретседатели. Од владиниот партнер, коалицијата „Вреди“, функцијата прв вицепремиер ќе ја извршува Изет Меџити, кој истовремено ќе биде и министер за животна средина. Адмирим Алити ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, актуелниот претседател на советот на Општина Тетово, Бесар Дурмиши, ќе раководи со Министерството за економија и труд, а Фатмир Лимани ќе биде министер за социјална политика. Во ресорот здравство се очекува Арбен Таравари. За вицепремиерското место за добро владеење, изборот треба да падне меѓу Бујаре Абази и Арбен Фетаи. Движењето ЗНАМ, најверојатно, ќе ги добие министерските столчиња во Правда и во администрација.

На парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 58 мандати, СДСМ 18, ДУИ 18, коалицијата „Вреди“ 14, а по шест пратенички места освоија и партијата Левица и движењето ЗНАМ. (М.С.)