Ресенчани со „Иванки“ го одбележуваат денешниот празник Иванден

86

Општина Ресен продолжува со организација на традиционалната манифестација „Иванки“ посветена на денешниот верски празник Иванден.

Празникот „Иванки“ се одбележува само во Ресен и ресенско и притоа се вклучуваат само девојчиња кои не влегле во пубертет, изработувајќи кукла „Иванка“, заштитен знак на празникот.

-Правењето кукла „Иванка“ се врши од ѓум или стомна и притоа „стомакот“ на стомната или ѓумот, се користи за формирање на глава врз која се цртаат очите, устата, веѓите и носот, со што се добива веродостоен антропоморфен лик. На телото од куклата „Иванка“ се става фустан, појаснува етнологот д-р Мери Стојанова.

Во Ресен се смета дека овој празник е празник на девојките, а според верувањата, токму на овој ден куклата се дарува, а лицата што даруваат ја допираат главата на „Иванка“, чин кој има моќ да го заштити дарителот од главоболки во текот на претстојната година.

Според утврдената програма на локалната самоуправа, денес напладне во Ресен, во дворот на Сарајот ќе биде извршен избор на најубава „Иванка“, а пред публиката ќе настапи културно уметничката група „Таше Милошески“.

Празникот завршува со „растурање“ на обредната женска фигура „Иванка“.