Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и пратеничката Фросина Ременски-Ташевска денеска  во Комисијата за одбрана и безбедност ги вкрстија копјата околу амандманите по Предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност со кој треба да се стави клуч на досегашната УБК,а е и еден од условите за добивање на датум за преговори со ЕУ.

Двајцата дебатираа околу прецизирање и дообјаснување на некои за нив спорни законски решенија.

Досега на овој предлог-закон има поднесено 91 амандман. Најголем дел од амандманите се усогласени меѓу работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, кои се предводени од министерот Спасовски и од поранешниот технички премиер Емил Димитриев, кој е на чело на оваа комисија. Неусогласени остануваат околу 35 амандмани. Тие се од пратеници на СДСМ кои предлагаат интервенции во текстот на законот што, пак се спротивни на предлог-амандманите што ги усогласиле Спасовски и Димитриев.

Предлагачи на овие амандмани, се потпретседателката на парламентот Фросина Ременски, Мухамед Зекири, Илија Николовски, Павле Богоевски, но и други пратеници од коалицијата на СДСМ.

Од досега разгледаните на седницата прифатени се амандмани со кои мандатот на директорот и на заменикот на Агенцијата е прецизирано да биде четири години со право на реизбор, додека работниот стаж потребен за овие функции од 15 е намален на 12 години.

Директорот на Агенцијата ќе може да го оствари правото на пензија согласно законските одредби за возраст или работен стаж, што според Ременски остава правна несигурност и можност за флексибилно толкување.

Според неа, потребно е статусот овластено службено лице што би го имал директорот да може да оди во пензија со 40 години работен стаж.
Утврдено е дека треба да се направи безбедносна проверка на кандидатот за директор преку националните бази за безбедност да се утврди дали има криминалистичко досие. Во таа насока директор не може да ја извршува функцијата доколку има недостојни активности во минатото, беше заклучено на седницата на Комисијата.
Членовите заеднички констатираа дека оваа функција не може да ја извршува лице кое има правосилна судска пресуда, а разрешувањето на директорот на Агенцијата може покрај по иницијатива на Владата која и го именува да биде и по иницијатива на надзорните собраниски тела. Тоа е во насока на зајакнување на надзорот и контролата врз работата на Агенцијата за национална безбедност.

Пратениците расправаа и за мерката набљудување која може да ја применува Агенцијата, при што беше нагласено дека тоа значи тајно прибирање оперативни податоци без тонско снимање.

За ова, пратеничката Ременски, оцени дека е потребно во законот да се прецизира мерката набљудување без технички средства, бидејќи како што рече, има најмалку десет видови набљудувани. Затоа, нагласи, е потребно да се прецизира што опфаќа набљудувањето под апарати и надзорни камери…

Законот за агенцијата за безбедност се носи со двотретинско мнозинство.

Според она што е усогласено во работните групи, новата агенција би почнала да функционира од почетокот на септември, односно дотогаш би требало да се направи селекција на кадрите, наспроти првичната проекција според која агенцијата требаше да почне да функционира од почетокот на јуни. Затоа, пак, до крајот на мај би требало да биде именуван првиот директор на оваа агенција и тоа по предлог на премиерот Зоран Заев, но со согласност на собраниската Комисија за надзор над УБК и АР со која раководи Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ.