Ректорот на ЕУРМ, Јана Манева-Чупоска ќе го претстави македонското современо сликарство пред јапонската публика

434

Годинава на светски познатиот Интернационален саем за современа уметност во Токио кој се отвора утре, 7 март, ќе се претстави познатата уметница од Република Северна Македонија и ректор на Европскиот универзитет РМ, проф. д-р Јана Манева-Чупоска. Овој саем се организира во соработка со амбасадите од сите земји во Токио, кои предлагаат по еден претставник ликовен уметник од нивните земји.

На предлог на поранешниот амбасадор на Република Македонија во Токио, проф. д-р Андријана Цветковиќ, Манева-Чупоска има можност првпат да го претстави своето творештво пред јапонската публика. Ова е настан од големо и престижно значење за нашата земја, како и за познавачите на ликовната уметност, каде што преку творештвото на Јана Манева-Чупоска во Токио ќе биде претставено македонското современо сликарство.

Таа ќе се претстави со дела и едно видео од циклусот „Портетирани сеќавања“.

Инаку познатата уметница Јана Манева-Чупоска е родена во Скопје во 1970 година, каде што моментално живее и работи. По студиите за традиционалната уметност и современа уметност, Јана Манева-Чупоска ја доби докторската диплома од Институтот за фолклор “Марко Цепенков„ во Скопје во 2016 година.

Моментално е вработена на Европскиот универзитет РМ како ректор и професор. Од 1996 година таа е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а од 2005 година и на Друштвото на модни дизајнери на Македонија.
Нејзините дела се базирани на транспозиција помеѓу современиот визуелен концепт и македонскиот фолклор.
Манева-Чупоска учествуваше на бројни изложби, како на локално, така и на меѓународно ниво, вклучително и во САД, Франција, Хрватска, Бугарија, Словенија и Србија. Таа е исто така куратор на серијата меѓународни групни изложби “Фемина 8„.