Реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Антон Попов“

45

Во тек се градежните работи на реконструкција на водоводна мрежа на улицата „Антон Попов“ во Општината Гази Баба.

Претставници од Град Скопје, на чело со градоначалничката Данела Арсовска, и од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во активностите.

Од Град Скопје соопштија дека со изведбата на овој проект и со новите водоводни приклучоци на овој потег, кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето, поради застареноста на системот, се решаваат загубите на вода и трошоците за поправка на дефектите на водоводната мрежа.

– Изведбата на овој проект претставува реализација на дел од програмата за обновување на градската водоводна мрежа во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот – потенцираат градските власти.

Град Скопје континуирано работи на подобрување на водоснабдувањето за граѓаните во сите градски населени места, согласно со проектите од програмата „За модерно Скопје“, каде што решавањето на проблемите со водоводната мрежа е еден од приоритетите.