Реконструирани улици, изградени и обновени фекална и атмосферска канализација и водовод, училишта, градинки, спортски објекти…

    16

    Реализирани се 95 проценти од програмата за време на тригодишниот мандат на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Во својот отчет за тригодишното работење пред околу 1000 граѓани во спортската сала „Независна Македонија“, Ѓорѓиевски истакна и дека се реконструирани улици во должина од над 59 километри и тоа во сите населби и населени места, но и дека се изградени и обновени над 11 километри фекална канализациона мрежа и 5,5 километри атмосферска канализација, како и 3,6 километринов водовод.

    Како капитален тој го издвoи проектот за водовод и фекална канализација во населбата Стаклара Каменик. Информираше дека Општината веќе ја реализира фекалната канализација, а со одлуката на Владата на Република Македонија и премиерот Христијан Мицкоски одобрени се  600.000 евра за изградба и на водоводот во Каменик-Стаклара.

    Водно Ѓорѓиевски ги истакна и инвестициите во образованието: дигитализација, сензорни соби и пречистувачи за сите училишта, проектот „Ранче за секое прваче“, проектот за бесплатни училишни униформи, доделените парични награди, бесплатни летувања и спортски кампови за најуспешните ученици и за децата од социјално загрозените семејства за кои се обезбедени бесплатни ужини, часови по странски јазици, спорт и информатика и низа други погодности.

    – Би ја издвоил и изградбата на нов училишен објект за ООУ „Св. Климент Охридски“ во Драчево, кој ќе овозможи уште подобри услови за учениците. Претходно, целосно го реконструиравме ООУ „Кузман Јосифовски Питу” кое сега е првото целосно инклузивно основно училиште во земјава – потенцираше Ѓорѓиевски, додавајќи дека се реализирани и девет поголеми инфраструктурни зафати за изградба на нови градинки и проширување на постоечките капацитети, како резултат на што, сега за упис чекаат само околу 40 дечиња. 

    -Во своето излагање тој ги спомена двата нови пазари, отворањето на кино и библиотека во Кисела Вода, но посебно се задржа на дигитализацијата, меѓународниот конкурс за Расадник и бројните проекти во сферата на урбанизмот кои го сменија поранешнит лош имиџ на општината – информираа од Општина Кисела Вода .

    – Со дигитализација на многу административни услуги, Општина Кисела Вода стана првата дигитализирана општина на Балканот и како таква, препознаена од многу релевантни институции за својата транспарентност. Ние сме горди што сме избрани како единствената македонска општина која е дел од повеќе меѓународни здруженија што ја имаат транспарентноста како главен столб, како што се OGP (Отворено владино партнерство) и Б40 мрежата на градови – лидери од Балканот- истакна Ѓорѓиевски.

    Тој наведе дека очекува новиот проект „Кисела Вода-адреса за заеднички дом”, преку кој општината ги ослободува од плаќање на комунални такси младите брачни парови, да помогне да се задржат младите во нашата земја и да помогне во намалување на депопулацијата. Ги спомена и инвестициите во спортската инфраструктура, како што се: изградбата на 13 спортско рекреативни центи, шест спортски сали, седум паркови и 19 детски катчиња.

    Како круна на овие спортски проекти тој ја издвои целосната реконструкција на спортската сала „Рaсадник,” која долго време беше симбол на спортскиот дух на Кисела Вода и прв дом на ракометниот клуб Вардар.

    (А.П.)