Филмскиот режисер Кристофер Нолан и неговата сопруга, продуцентката Ема Томас, ќе добијат титули витез, односно дама. Британската влада објави дека двајцата се наградени за нивните заслуги во филмската индустрија и уметност.
Месецов, Нолан го доби својот прв Оскар за најдобар режисер за „Опенхајмер“, филм за креаторот на атомската бомба. Осварувањето, во кое главниот лик го толкува актерот Килијан Марфи, а коешто го продуцираше Ема Томас, на годинашното доделување на наградите на Американската академија за филмски уметности и науки освои најмногу златни статуетки, вкупно седум.
„Мислам дека секој од нас кој снима филмови сонува за овој момент. Но, изгледаше толку малку веројатно дека тоа некогаш навистина ќе се случи“, рече Томас на церемонијата на доделувањето на Оскарите.
Режисерот Нолан претходно беше номиниран за шест Оскари, но никогаш досега не добил Оскар за најдобра режија.
Toj Оскарот на 96. свеченост на доделувањето го зеде од рацете на Стивен Спилберг и ѝ се заблагодари на актерката екипа на филмот „Опенхајмер“. „Филмовите постојат повеќе од 100 години, замислете што ќе биде кога според времетраењето ќе ги достигнат другите уметности… Драго ми е што сум дел од ова“, рече Нолан.
Двојката Нолан-Томас се запознала додека биле студенти на Универзитетскиот колеџ во Лондон и се венчале во 1997 година. Тие имаат четири деца и живеат во Лос Анџелес.
Инаку, покрај на „Опенхајмер“, продуцентката Томас работеше и на голем број други филмови за Нолан, вклучувајќи ги „Тенет“, „Данкирк“, „Интерстелар“, „Темниот витез“, „Несоница“, „Мементо“.