Актерките го донесоа холивудскиот гламур во Кан

255

Канскиот филмски фестивал е познат по строгите правила за облекување, па  додека мажите мора да носат црни чевли и црни вратоврски, жените треба задолжително да облечат свечени фустани. Освен тоа жените не смеат да носат чанти или било какви други додатоци, бидејќи организаторите сакаат да имаат фотографии без вишок на детали. Според она што можеше да се види на отворањето на 72. издание, правилата се почитуваа, а жените блеснаа на црвениот тепих.

Бројните актерски ѕвезди кои се појавија во Кан покажаа гламур својствен на Холивуд. Со својот беспрекорен стајлинг се истакнуваа Ева Лонгорија, Селена Гомез, Џулијан Мур, Ела Фенинг… кои ги воодушевија присутните со тоалетите од познати модни дизајнери.

Селена Гомез, која глуми во филмот “Мртвите не умираат”, комедија за зомбии на режисерот Џим Џармуш со која беше отворен Канскиот филмски фестивал, беше облечена во креација на Луј Витон со корсет и здолниште со длабок изрез. Својот стајлинг таа го надополни со накит на модната куќа Булгари.

Дамата која привлече особено внимание беше Ева Лонгорија која на црвениот тепих го прошета розовиот фустан со исто така длабок изрез.

Вниманието на женскиот дел на присутните, пак, го привлече Џереми Микс, најсексапилниот затвореник на светот кој кариерата на модел започна да ја гради  уште додека престојуваше во затвор.

Легендарната Џулиен Мур на отворањето на Канскиот филмски фестивал стаса во смарагднозелениот фустан, а изгледот притоа го надополни со Чопард скапоцени камења. На црвениот тепих прошета и познатата манекенка Алесандра Амброзио, една од најубавите жени на светот која за оваа прилика беше облечена во фустан на британскиот бренд Ralph & Russo.

Ел Фeнинг, 21-годишна актерка и една од членовите на жирито, одбра свилен фустан со цветен дезен и наметка на брендот Гучи.