Килијан Мбапе и Томас Тухел не се во доби односи и тоа веќе со месеци, а нивната расправија за време на првенствениот дуел против Монпеље (5:0) се уште е главна тема во сите фудбалски медиуми.
Бомбардерот на ПСЖ не сокри дека е разочаран од одлуката на тренерот кој одлучи да го замени во 68 минута од натпреварот. Само што го напушти зелениот терен, Мбапе започна расправија со германскиот стручњак кој се обиде да го смири, но Французинот се отргна од неговата прегратка и демостративно седна на клупата за резервни фудбалери.
Француските медиуми открија дека Тухел и Мбапе си подале рака во соблекувалната и тоа пред спортскиот директор Леонардо, но нивниот однос е повеќе од нарушен. Како што пишува „Мундо Депортиво“, целата ситуација со посебно внимание ја следат челниците на Реал (М), кои веќе две години по ред се обидуваат да ги осигураат услугите на Мбапе.
Поранешниот фудбалер на Монако е вечна желба на претседателот на Реал (М), Флорентино Перез, кој е екстра внимателен околу можниот трансфер затоа што е во добри односи со сопственикот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи. Перез не сака да ја повтори грешката на Барселона која се обиде зад грбот на Ал-Келаифи да ги договори трансферите на Марко Верати и Адриен Рабио. Веќе следната година сопственикот на „светците“ ја активираше ослободителната клаузула на Неимар и го купи за рекордни 222 мил. евра.
Шпанските медиуми изминатото лето пишуваа дека ПСЖ има испратено јасна порака до Реал (М) дека дури на крајот од актуелната сезона е можен некаков разговор околу Мбапе. Репрезентативецот на Франција веќе има изјавено дека сака да игра во Англија или Шпанија, но потенцираше дека Реал (М) му е најголема желба.
„Мундо Депортиво“ тврди дека „кралскиот клуб“ на почетокот од летниот преоден рок ќе испрати официјална понуда за Мбапе, вредна 300 мил. евра. Напаѓачот има договор со ПСЖ со 30 јуни 2022 година и не планира да ја продолжи соработката. Во дресот на „светците“ Мбапе има одиграно 112 натпревари на кои постигна 82 погодоци и запиша 12 асистенции.