Откако ги претстави Килијан Мбапе и Ендрик, кои треба сериозно да ги засилат офанзивните линии, шампионот на Европа, Реал Мадрид, продолжи да работи за нови засилувања.

Иако приоритет му се засилувањата на страничните позиции, се чини дека не е подготвен за голем трошок, туку да чекаат подобра шанса, која би дошла во летото 2025 година. Тогаш би можел да направи уште две топ-зделки доколку сè оди според неговите планови, кои ги откри во јавноста новинарот Матео Морето. Имено, тој добил информација дека Флорентино Перез подготвил одлична тактика за да добие две сензационални засилувања.

Станува збор за Алфонсо Дејвис и за Трент Александер Арнолд. Тоа се неговите две најголеми желби, а карактеристика на двајцата е што имаат уште една година од договорите. Дополнително, никој од нив сè уште не потврдил дека е подготвен да потпише нов договор, иако Баерн и Ливерпул имаат готови понуди и никако не им е цел да останат без своите исклучително важни играчи.

Но, со примерот на Килијан Мбапе го видовме новиот принцип на работа на Реал, оној каде што практично се договара со играчот, а потоа трпеливо чека. Така направи зделка со која го доведе, веројатно, најдобриот играч во светот за без пари.

Сега тој би можел да го направи тоа со двајцата одлични бекови, но ќе треба само да почека. Нема да му биде преголем проблем тоа, да издржи уште една сезона со Карвахал и Васкез на едната и Менди и Гарсија на другата страна.

Самата помисла на ваков Реал, со овие две големи засилувања, изгледа застрашувачки.