Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, најави големи промени во клубот во наредниот период. Тој има навистина тешка задача да го извлече клубот од финансиската криза и да направи целосна реконструкција, што воедно ја најави.

Престојот на многу играчи, вклучувајќи го и тренерот Роналд Куман, е под голем прашалник. Најавени се разговори со Холанѓанецот за следната недела и ќе се знае дали тој ќе го води тимот и следната сезона.

Сепак, „Мундо Депортиво“ носи прилично неверојатна приказна и наводно Жоан Лапорта има навистина луда идеја кога станува збор за назначување нов тренер.

Реномираниот весник тврди дека претседателот на Барселона ќе му понуди работа на Франк Рајкард, човекот кој со голем успех ја водеше Барса од 2003 до 2008 година.

Во тој период, каталонскиот великан имаше навистина моќен тим. Се појави и Лионел Меси, а Барса во тој период зеде две шампионски титули, два шпански Суперкупа и Лига на шампиони.

Рајкард не е активен во тренерската дејност од 2013 година, кога ја напушти позицијата селектор на Саудиска Арабија.

Ова не е крај на наводните идеи на Лапорта. Истиот весник тврди дека претседателот на Барселона сака да го ангажира напаѓачот на Баерн, Роберт Левандовски, но шансите за тоа се многу мали. Полјакот има огромна плата во Баерн, а сигурно не би се согласил да игра за помалку од 20 милиони евра.