Излезот од Пехчево кон село Чифлик доби нов и убав изглед благодарение на обезбедените 30 милиони денари средства од страна на Јавното претпријатие за државни патишта за рехабилитација на асфалтниот коловоз.
– Кога ќе се здружат силите и тимовите тогаш реализацијата на проектите е брза и ефикасна. Здружено ЈПДП заедно со ЈП „Македонија пат“ успешно завршивме уште една инвестиција со вредност од 30 милиони денари – објави Трајановски.
Средствата се обезбедени од буџетот на ЈПДП, а екипите на ЈП „Македонија пат“ направија рехабилитација на дотраениот коловоз на регионалниот пат Р1302 Пехчево-Берово во должина од 3.000 метри и ширина од 6,5 метри (излез од Пехчево кон с.Чифлик).
ЈПДП преку Програмата за одржување на патиштата која ја спроведува со ЈП „Македонија пат“ засилено работат на патиштата низ државата. Во пресрет на зимата се врши есенското чистење и одржување на магистралните и регионалните патишта затоа што тоа е клучно за безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови.
На терен се кастри вегетација кај клучка Хиподром, се врши обновување на хоризонталната сигнализација, обновување на оштетена заштитна еластична ограда на потегот на обиколницата кај Скопје, клучка Миладиновци, на автопатот А1 делница Неготино-Демир Капија.
– Во пресрет, пак, на есенските дождови кога водостојот на реките се покачува, се преземаат активности и за чистење на темелите на мостот на река Треска кај Калуѓерец-Самоков – велат од ЈПДП.