Извшителот на убиството е во притвор, кој му е одреден од Кривичниот суд во траење од 30 дена, а осомничениот за помагање, по кого се трагаше, сам се предал на полицијата. Како што информира ОЈО Скопје, убиството е извршено со умисла и од користољубие
МВР го расчисти случајот со свирепото убиство, кое се случи на пракингот пред трговскиот центар „Мавровка“, а извршителот на убиството е веќе во притвор, кој му е одреден од Кривичниот суд, во траење од 30 дена. По обемна полициска потрага по лицето кое по настанот се дало во бегство, а за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело „убиство“, тој завчера вечер сам се предал на полицијата.
Во вторникот во утринските часови, со употреба на огнено оружје, беше убиен скопјанецот В.Е.(58), а по преземени мерки и брза реакција на полицијата, специјалните полициски сили, хеликоптери и дронови бил фатен и лишен од слобода сторителот Е.К.(39) од Скопје. Убиеното лице било трговец, управител на фирма за продажба на делови и водоводна опрема, а според информации во медиумите неговото семејство имало и златарница.
Основното јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот. Како што информираше ОЈО Скопје, осомничениот се товари за кривично дело убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
– На 20 август, со пиштол марка „глок“, со калибар 9 милиметри, што го поседувал без дозвола, осомничениот на паркинг-просторот на улицата „Филип Втори Македонски“ во Скопје, зад ТЦ „Мавровка“, со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „ауди“ без регистарски ознаки, информира Обвинителството. На местото пристигнало и второ возило „цитроен“ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило. – Автомобилот „Цитроен“ вториот осомничен го оставил во Гази Баба и се качил во автомобилот „ауди“, по што продолжиле да се движат, но на улицата „Стојна Стефкова“ биле пресретнати од полициски службеници. Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат, се дополнува во соопштението.
Четворицата полициски службеници, како што наведуваат од ОЈО Скопје, во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот, додека, другото лице се дало во бегство, соопшти ОЈО.
Мицкоски: Институциите брзо, молскавично ги најдоа сторителите на овој грозоморен чин
-Најпрво дозволете да изразам жалење за тој грозоморен чин и за губење на човечки живот но она што е важно дека во серија криминалци и корумпирани судии и обвинители се одговорни пред законите и институуциите, најпрво откако врховниот судија и оној јавен обвинител од Советот на јавни призна вина дека учествувале во коруптивен скандал и дека на тој начин само ги докажаа тезите дека имаме партизирано судство во најголема мера. Сега институциите брзо, молскавично ги најдоа сторителите на овој грозоморен чин, што во минатото не беше случај. Затоа довербата во правната држава ни е нула, изјави вчера премиерот Мицкоски во врска со убиството кај „Мавровка“.