Растот на македонската економија ќе забрза, но ќе биде далеку зад оној во земјите од регионот

15

Македонската економија ќе има економски раст од 1,8 % годинава, 2,5 % в година и 3 % во 2026 година. Ова е проценката на Светска банка во најновиот полугодишен извештај. Главни ризици се енормното зголемување на цените на храната и на енергијата, воените конфликти во Украина и на Блискиот Исток, како и лошите перформанси на германската економија, земја што е најголем трговски партнер на земјава.

Од земјите од регионот, најголем економски раст годинава, според проекциите на Светска банка, треба да имаат Косово и Србија од 3,8 %, по што следуваат Црна Гора со 3,4 %, Албанија со 3,3 % и Босна и Херцеговина со раст од 2,8 %. Како еден од најголемите удари врз земјите од Западен Балкан се истакнува иселувањето, особено на младите. Светска банка нотира дека треба владите повеќе да инвестираат во образованието, здравството, подобрувањето на јавните услуги, како и во борбата со корупцијата, за да го намалат интересот за заминување во странство.

Светска банка предвидува дека заедничкиот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и на Србија во 2025 година ќе достигне 3,7 %,што е за 0,2 процентни поени повеќе од предвидувањата дадени во пролетното издание на извештајот. Растот во 2024 година се очекува да достигне 3,3 %, што претставува зголемување за 0,1 процентен поен од претходните проекции.

– Домашните фактори и понатаму го поддржуваат умереното забрзување на растот на Западен Балкан. Дополнително, на среден рок, се очекува постепеното закрепнување на економската активност во Европската Унија да игра огромна улога во поттикнувањето на извозот од регионот – изјави Изолина Роси, економистка во Светска банка и главен автор на извештајот.

И покрај позитивните изгледи, регионот и понатаму е ранлив од повеќе ризици, вклучувајќи ги слабиот раст на светско ниво, враќањето на инфлацијата, политичката несигурност и екстремните временски појави.

Со зајакнувањето на економскиот раст на Западен Балкан, животниот стандард и понатаму се приближува до стандардот во понапредните економии во Европската Унија. Меѓутоа, задржувањето на моментот на раст и забрзувањето на темпото на приближување бараат структурни реформи, вклучувајќи ги и оние наведени во Планот за раст на Европската Унија.

– Економската интеграција е клучен двигател на растот за малите економии, како што се оние на Западен Балкан. За да го поттикнат овој раст, земјите треба да ја подобрат регионалната трговија и трговијата со Европската Унија, да го намалат времето на чекање на границите и да ги интегрираат платежните системи. Исто така, справувањето со демографските предизвици и со предизвиците на пазарот на трудот бара силен фокус врз развојот на човечкиот капитал. Подобрувањето на образовните и на здравствените системи е од суштинско значење за напредок од земја со средни приходи во земја со високи приходи – изјави Шијаочин Ју, директорка за регионот при Светска банка.

Речиси еден од четворица жители од Западен Балкан живее во странство и затоа подоброто управување со глобалната работна сила на Западен Балкан би можело да биде клучен двигател на економскиот раст во регионот. Иако иселувањето може да доведе до други предизвици, како што е недостигот на работна сила, постојат и јасни можности за искористување на миграцијата за добивање економски придобивки.

Според извештајот, со ефикасно управување, миграцијата може да помогне во ублажувањето на сиромаштијата, стимулирањето на извозот и во привлекувањето инвестиции, што во крајна линија ќе доведе до отворање работни места и до пренос на знаења. На пример, дознаките може да ги подобрат финансиските ресурси на мигрантските домаќинства. Исто така, враќањето на обучените мигранти може да доведе до „прилив на мозоци“ во нивните домашни земји, додека привлечноста на повисоките плати во странство може да ги мотивира образованието и подобрувањето на вештините кај оние што ќе останат.