Растот на економијата следната година ќе биде повеќе од 3,5 отсто, вели Димитриеска-Кочоска

Очекуваме дека дефинитивно ќе ги оствариме оние стапки на раст што ние, како Министерство за финансии, ги проектираме, а тоа е 2,1 % до крајот на годината и за следната година ќе видиме, ама ќе биде повеќе од 3,5 проценти – рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, осврнувајќи се на проекциите на Светската банка, кои, како што вели, се логични ако се земат предвид претпоставките што ги користи СБ, а тоа е она што останало од претходната Влада, слаби резултати и низок раст на БДП

13

Растот на македонската економија, според проекциите на Министерството за финансии, за оваа година е 2,1 %, а за наредната и повеќе од 3,5 %, додека буџетскиот дефицит 4 %. Ова го истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за „Гласот на Америка“ во Вашингтон, каде што учествува на годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и на Светската банка.

– Го менуваме комплетно економскиот концепт во насока на тоа дека ќе поддржуваме инвестиции, а не потрошувачка. Во тек е оној голем проект што го најавивме за општините. Повикот е во тек, така што тука ќе има голема реализација. Исто така, 250 милиони евра поддршка за приватниот сектор. Значи, очекуваме дека дефинитивно ќе ги оствариме оние стапки на раст што ние, како Министерство за финансии, ги проектираме, а тоа е 2,1 % до крајот на годината и за следната година ќе видиме, ама ќе биде повеќе од 3,5 проценти – рече министерката, осврнувајќи се на проекциите на Светска банка, кои, како што вели, се логични ако се земат предвид претпоставките што ги користи СБ, а тоа е она што останало од претходната Влада, слаби резултати и низок раст на БДП.

Во однос на буџетскиот дефицит, во интервјуто наведува дека прекуноќ не може да се постигнат фискалните правила за буџетскиот дефицит до 3 % од БДП и јавниот долг до 60 % и дека е потребно време за да се консолидира.

– Следната година е планиран буџетскиот дефицит на 4 %, потоа, следната на 3,5 % и да стигнеме до 3 %, односно до комплетна консолидација. Она што е најважно, барем во овој момент, според мене, е корупцијата и мислам дека тука, барем како министер за финансии кој е одговорен за дел од институциите што треба, исто така, многу да внимаваат, барем во делот на сивата економија, би рекла дека тука веќе немаме компромис и силно се бориме против корупцијата и криминалот и очекувам позитивни резултати во тој дел, во периодот што следува – рече министерката за финансии.

Во интервјуто се осврна и на заемот од унгарската Експорт-импорт банка, за што истакна дека станува збор за заем планиран од претходната Влада, кој се реализирал со кредит под поволни услови наместо со еврообврзница.

– Секое ново задолжување нормално дека дава негативни ефекти. Меѓутоа, ние зборуваме за кредит што беше планиран од претходната Влада, само не зедовме еврообврзница, туку напротив, би кажала како министер за финансии и како Влада, може да бидеме горди што успеавме да обезбедиме кредит под многу поволни услови, со многу ниска провизија во однос, да речеме, да носевме одлука за издавање еврообврзница, а при тоа парите се од европска држава. Јас навистина не гледам ништо спорно, напротив, успехот од тоа што го постигнавме со 3,25 % каматна стапка мислам дека некој се труди да го преврти во друга насока и да каже дека, еве, сега да нè дефокусираат од тоа што е најважно, а тоа дека им заштедивме на граѓаните на државата со тоа што позајмивме нешто што беше планирано и претходно, посочи министерката за финансии и додаде дека неоправдано ќе било да се задолжуваме со каматна стапка од над 6 %.

Таа наведе дека парите се наменети за инвестиции во приватниот сектор и за поддршка на општините за инфраструктурни проекти.