„Раселени“ – самостојна изложба на уметницата Тања Балаќ

54

Самостојна изложба на уметницата Тања Балаќ со наслов „Раселени“ (Displaced), ќе биде отворена на 5 септември во 20 часот, во Музејот на Македонија. Изложбата, која ќе ја отвори историчарот на уметност и ликовен критичар Кирил Пенушлиски, содржи дела создадени во периодот 2020-2022 година. На оваа изложба Балаќ се претставува со 27 слики, кои се своевидно надополнување на нејзиниот претходен циклус започнат некаде во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени на нејзините изложби во Скопје, Белград, Загреб…

– Во „Раселени“ за прв пат во опусот на Балаќ се појавуваат човечки фигури. Се работи за луѓе и лица што не можат да се идентификуваат. Тие луѓе „патуваат“ низ нејзините слики, а некои од нив се и само тивки посматрачи на трагичната човечка судбина. Aпстрактните партии околу човечките фигурите на платното само го засилуваат впечатокот за неприфаќањето и ксенофобијата со која се соочуваат тие луѓе, бегалци. Тоа се луѓе без дом и луѓе без иднина, изгубени во еден недефиниран меѓупростор, каде што ќе ги проголта заборавот на општеството – вели Пенушлиски за делата од изложбата.

И на оваа изложба авторката се занимава со темите за бегалската и мигрантската криза, осврнувајќи се на ксенофобичната реторика присутна во многу мејнстрим медиуми. Во обидот да создаде сеопфатна слика за овој глобален проблем, таа отвора многу прашања, но истовремено ја повикува и јавноста на заедничка потрага по можното решение.

По затворање на поставката во Музејот на Македонија, „Раселени“ ќе патува во Стразбур, каде што ќе биде изложена во „Арт клуб Амикале“ на Советот на Европа, а ќе ја отвори амбасадорката Светлана Гелева.

Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје) членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година и негова претседателка. Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на новите медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност.