Дојдете на мекици!
Најпознатиот, но воедно и најпопуларен македонски хуморист, Ранко Рангелов, деновиве слави. И запеа на цел глас! Ги покани пријателите и колегите на мекици, како што е народниот обичај. Има дебела причина за тоа. Ранко стана дедо! Тоа му е прво внуче од ќерката. Поточно станува збор за внука. Уште отсега се знае дека ќе се вика Калија, по желба на нејзините родители, а радосниот дедо веднаш се согласил.
– Животот е краток, младоста брзо минува, староста е тешка, затоа гледајте за сè што помалку или воопшто да не се нервирате. Потрудете се секогаш да се смеете и без и со причина, потврдено е дека смеењето е лек. Најслатко е кога се смеете на своја сметка, без некој евентуално да се подналути – вели веселиот хуморист.
–
Тој е присутен на македонската естрада повеќе од четири децении и има одиграно безброј успешни комични претстави. Учествувал на многу концерти со многу пејачи, и македонски и поранешни југословенски. Нема кој не го знае и приватно како весел и дружељубив човек. Сè уште добро го памтиме и како одличен имитатор на маршалот Тито. Го памтат и македонските иселеници. Најчесто во далечната Австралија, кога публиката на тие последни настапи не го пушташе да се врати назад, во Македонија, па мораше да остане уште некоја недела.
– На луѓето секогаш им недостига хумор. Секој сака да се смее, но и секој хумор не е за смеење. Како, на пример, црниот хумор. Но, тоа е некоја друга приказна, за во некое друго време, иако и ова време што го живееме, не е нешто далеку од таквиот вид на хуморот – вели Ранко.
Како и да е, младиот дедичко Ранко сега ќе си има нова забава, воедно најмила во животот. Иако, како пензионер, никогаш не мирува, неговата внука Калија допрва слатко ќе го изморува.
– Само нека е жива, здрава, нека пркне, нека почне да трча, дедо е тука, подготвен за сите нејзини активности и за исполнување на желбите. Д.М.