По самитот за Украина, Тирана вчера беше домаќин на уште еден важен настан, самитот Западен Балкан – Европската Унија. Лидерите на Западен Балкан во Тирана дебатираа за европската интеграција на регионот и за спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан. Учесниците на самитот во Конгресната палата ги пречека албанскиот премиер Еди Рама како домаќин на средбата. На самитот присуствуваа македонскиот технички премиер, Талат Џафери, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кристо, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Албанската телевизија ABC News објави дека претставниците на Косово и Црна Гора нема да бидат физички присутни и дека косовскиот премиер Албин Курти испратил видеопорака до собирот. На самитот учествуваа и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.
Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји изјави дека планот за раст е амбициозен и оти предвидува двојно зголемување на средствата за Западен Балкан, а земјите од регионот мора да напредуваат со цел да ги заврши реформите.
– Западен Балкан треба да биде интегриран во ЕУ, која мора да ги понуди сите придобивки од членството. Остана половина од времето за спроведување на овој план, затоа регионот ќе треба брзо да напредува за да ги заврши реформите. Мора да ги примените правилата на ЕУ. Може да станете дел од европскиот пазар и пред да станете член на ЕУ, рече Вархеји.
„Ора њуз“ објави дека Планот на ЕУ за Западен Балкан предвидува забрзано спроведување на потребните реформи, зголемување на инвестиции, што ќе може да го унапреди процесот на проширување на ЕУ со овие земји.
Албанските медиуми пишуваат дека регионалниот самит е посветен на планот за раст и ќе обезбеди нови можности за размена на мислења за европската иднина на регионот и за заедничките регионални предизвици.
Албанскиот премиер Еди Рама вели дека овој план ќе овозможи „нова поддршка за шесте земји “. Рама истакна дека ЕУ е поподготвена земјите од регионот да бидат дел од неа, да соработуваат и да ја напуштат „старата балканска политика“.
-Во новиот план за раст, јасно е дека треба да ги преземеме потребните чекори за да одиме напред или да не успееме да седнеме на масата на ЕУ. Нашите економии не можат да цветаат со спречување на слободно движење. Или ние ќе создадеме мир за да работиме за нашата благосостојба или спротивното кое нè спречува. ЕУ сега е повеќе подготвена да ни помогне да бидеме дел од неа. Не треба да го изгубиме овој прозорец за можност, рекол Рама, кој на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски, ЕУ ја опиша како „среќен пекол“.
-Ние сакаме да влеземе во ЕУ, за Западен Балкан е единствената реалност. Ние сме внатре во ЕУ физички, но надвор сме политички и затоа мораме целосно да се интегрираме, не сакаме да го видиме овој организам како експлодира, бидејќи ако тоа се случи – ќе останеме без иднина. ЕУ не е рај, но е среќен пекол. Ова е најважното нешто што треба да го разбереме, рече Рама.
Техничкиот премиер на Македонија, Талат Џафери, во своето обраќање истакна дека Планот за раст и заедничкиот регионален пазар се клучни за забрзано членство во ЕУ.
-Овој заеднички напор, не само што е од корист за Западен Балкан, туку и ја подобрува атрактивноста и конкурентноста на регионот. Нè доближува до пазарите на ЕУ и го олеснува одржливиот економски развој. Во оваа насока, заедничкиот регионален пазар ја постави основата на зајакнати трговски односи и заеднички економски иницијативи, истакна Џафери на Конференцијата.
Како што посочи премиерот Џафери во своето излагање, земјите од Западен Балкан активно соработуваат и придонесуваат кон тоа заедничкиот регионален пазар да стане реалност, како подготовка за приближување на целиот регион до внатрешниот пазар на ЕУ, и дека пред земјите претстојат дополнителни, посуштински реформи во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на нашите економии и на регионот во целина.
Планот на ЕУ за Западен Балкан има за цел економски раст на регионот, забрзување на реформите и инвестиции кои можат да го унапредат процесот на проширување на ЕУ со овие земји.
Унијата за овој план, за следните три години, одвои шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се поволни заеми обезбедени од ЕУ. Планот, усвоен од Европската комисија во ноември, го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада од Западен Балкан да добива одреден паричен износ на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги има спроведено во тој период. Оваа конференцијата беше продолжение на разговорите започнати во Скопје минатиот месец.
Претходно, во средата, во заедничката декларација, усвоена од учесниците на самитот Украина-Југоисточна Европа, одржан во Тирана се наведува дека „учесниците едногласно ја осудуваат руската агресија врз Украина“. Во Изјавата, објавена на веб-страницата на албанската Влада, се наведуваат имињата на учесниците, кои ја поддржале декларацијата, меѓу кои и македонскиот и српскиот претседател, Стево Пендаровски и Александар Вучиќ, косовската претседателска Вјоса Османи, како и другите учесници.
СРЕДБА ПЕНДАРОВСКИ – ЗЕЛЕНСКИ
Пендаровски во Тирана оствари средба со неговиот украински колега, Володимир Зеленски, на која му порача дека Македонија како членка на НАТО ја поддржува апликацијата за членство на Украина во Алијансата. Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, Пендаровски на средбата го реафирмирал ставот дека Северна Македонија од самиот почеток силно ја осудува агресијата на Руската Федерација врз Украина, која претставува повреда на Повелбата на ОН и принципите на ОБСЕ.