Албанскиот премиер Еди Рама упати апел до граѓаните погодени од разорниот земјотрес од 26 ноември, да бидат трпеливи и најави брзо започнување на обновата на урнатите и оштетени објекти.

-Луѓето сакаат да знаат кога ќе се вратат дома. Ние сакаме да направиме процес на обнова каде што сè ќе биде според оптималните стандарди и услови за оние категории згради што се дел од процесот. Потребна е трпеливост. Жал ми што во одредени случаи видов дезинформации,изјави Рама.

На денешната четврта седница на Националнот комитет за обнова, тој даде гаранција дека сите собрани средства, до доследен лек, набрзо ќе бидат употребени во реализација на проектите за обнова.

-Имаме извештај што ни дава основа да ја одржиме донаторската конференција во Брисел, но исто така да имаме јасен преглед на сите аспекти што треба да ги имаме предвид за време на процесот. Имаме назначени области за развој. Обновата во Лач и Туман ќе започне порано. Подготвени сме во следните денови да почнеме тендерска постапка на која ќе се јават компании, најави Рама.

Според извештајот за проценка, матерјалната штета предизвикана од земјотресот изнесува 985.074.906 евра. Во процесот на проценка биле вклучени 90 домашни и странски експерти, а биле опфатени повеќе од 50.000 објекти.

Во катастрофалниот земјотрес со јачина од 6,4 степени загинаа 51 лице, беа повредени 900 и раселени околу 17.000 луѓе од оштетените домови. Вкупно 202.291 луѓе се погодени од оваа природна непогода во 11 единици на локалната самоуправа.

Меѓународна донаторска конференција за Албанија ќе се одржи на 17 февруари во Брисел.