Ракетирана Зелената зона во Багдад

16

Четири „мали ракети“ рано утринава го погодија седиштето на воената коалиција предводена од САД во Багдад, но без жртви, изјави портпаролот на коалицијата.

Ирачката војска соопшти дека три ракети „катјуша“ ја погодиле утврдената Зелена зона во Багдад, во која се наоѓаат американската амбасада, други странски мисии и објектите на ирачката влада. Во соопштението се наведува дека четвртата паднала во блиска логистичка база на ирачките сили за безбедност, пренесува Ројтерс. Засега никој не ја презема одговорноста за нападите.

Вашингтон ги обвини паравоените групи поддржани од Иран за сѐ почестите ракетирања и гранатирања на базите во кои се сместени американските сили во Ирак и областа околу Американската амбасада во Багдад.

Во напад минатиот месец беше погоден и самиот комплекс на Американската амбасада, а во ракетен напад врз воена база на северот во декември загина американски цивил – градежник.

Тензиите меѓу Иран и администрацијата на претседателот Доналд Трамп во последните месеци главно ескалира на ирачко тло, заклучува британската агенција.