Полски дипломат задолжен за подобрување на комуникацијата со Евреите ширум светот е отпуштен откако го критикуваше пристапот на сопствената влада за регулирање на говорот за холокаустот, соопшти денеска полското Министерство за надворешни работи.
Јарослав Новак, пратеникот за контакти со еврејската дијаспора, го опиша како „глупав“ законот за говорот на холокаустот усвоен од владејачката партија во неговата земја, пренесува агенцијата АП.
Новак, исто така, рече дека Полска треба да донесе закон за враќање на имотот, што, според АП, е уште една критика на властите кои неодамна донесоа закон со кој се укинуваат шансите за враќање или обештетување на оние чиј имот бил конфискуван од комунистите. Меѓу погодените има и преживеани од Холокаустот и нивните наследници.
Полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау го отпушти Новак во саботата, објави денеска на Твитер портпаролот на министерството Лукаш Јасина.
Разрешувањето на Новак дојде еден ден откако Jewish News објави интервју во кое Новак рече дека законот, донесен во 2018 година и забраната на одредени изјави за Полска и холокаустот, е еден од најглупавите амандмани некогаш донесени.