Mинистерот за здравство во заминување Илир Демири, го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски. Тој како причина наведе дека до него стигнале наоди дека е зголемена смртноста на Клиниката. За таа цел тој формирал Комисија за да ги провери податоците.
-Денеска добив друг податок, дека за 170 пациенти не се поднесени информации во “Мој термин” во однос на отпусни писма и умреници, така што претпоставувам дека таа бројка на смртност може да се промени. Јас сум министер во заминување и сакав да го одложам ова, но решив да го разрешам д-р Шокаровски- рече Демири на денешната прес-конференција во Министерството за здравство и нагласи дека на оваа клиника се нарушени човечките одности. Тој препорача да се донесе директор на оваа Клиника од странство.
Демири објасни зошто не го обелоденува новото име на директорот. Според него тој има лице што е странски експерт и може да биде веднаш директор. Инаку д-р Шокаровски беше назначен за директор откако претходно министерот Фатмир Меџити во јуни, лани го разреши тогашниот директор д-р Сашко Јовев.