Развиените економии успешно ја намалуваат потрошувачката на гас

67

Војната во Украина е пресвртница за потрошувачката на гас во Европа, која се очекува повторно да падне оваа година бидејќи домаќинствата и индустриите користат надградба на ефикасноста и топлински пумпи.

Ова се наведува во извештајот на Меѓународната агенција за енергија, цитиран од „Guardian“. Се вели дека напредните економии на континентот ја намалиле потрошувачката на гас за 15% во 2022-ра година, откако Русија го прекинала протокот по инвазијата.

Европските домаќинства и бизниси ја намалија потрошувачката на гас за дополнителни 9% во првите три квартали од оваа година, што може да доведе до постојан пад на побарувачката за гас во наредните години, соопшти ИЕА.

Агенцијата, исто така, откри дека околу 40 отсто од заштедите се резултат на благото време изминатава зима, но најголемиот дел од тоа се должи на порастот на побарувачката за електрични топлински пумпи и подобрувањето на ефикасноста.

ИЕА очекува истиот тренд да се појави во САД откако администрацијата на Бајден вклучи подобрувања во енергетската ефикасност во својот пакет за зелени стимулации од 369 милијарди долари.

Се предвидува дека домаќинствата и бизнисите во САД ќе ја намалат потрошувачката на гас за околу 1% годишно помеѓу 2022-ра и 2026-та година, и покрај пристапот до големи домашни резерви. Ова доаѓа како резултат на настојувањето да се зголеми ефикасноста со воведување топлински пумпи кои ќе помогнат да се намалат емисиите на јаглерод предизвикани од греењето на гас.

И покрај подобрувањата, агенцијата укажува на потребата од подобра енергетска ефикасност доколку светските влади се надеваат дека ќе ги исполнат своите климатски цели.

Фатих Бирол, извршен директор на ИЕА, коментира: „Глобалните климатски амбиции зависат од нашата способност да го направиме глобалниот енергетски систем многу поефикасен. Напредокот во енергетската ефикасност оваа деценија е критичен“.

„Наодите во овој извештај се остро предупредување за лидерите кои се собраа на климатската конференција „CОР28“ во Дубаи дека сите тие треба да се посветат и да спроведат посилна акција за ефикасност“, додаде тој.

Според ИЕА, Велика Британија ја подобрила својата енергетска ефикасност за околу 7% минатата година, заостанува зад соседните земји, вклучувајќи ги Холандија, Ирска и Франција, кои пријавиле подобрувања од најмалку 12%.