Полицијата откри случај на терористичка организација која имала цел да ја дестабилизира земјава преку инциденти, откри министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Во акцијата на МВР и на Основното јавно обвинителство за организиран криминал, уапсени се четворица македонски државјани и биле извршени претреси на неколку локации во Струга и во Гостивар. Акцијата ја потврдуваат и од Обвинителството и најавија кривична пријава по собирањето на целиот доказен материјал. Според изјавата на Тошковски, терористичката ќелија планирала несакани настани не само во Македонија, туку и во други земји.
,,Станува збор за терористички организации, четири лица што се лишени од слобода. Тие, во соработка со лица што не се на територијата на Македонија, подолг временски период се следат од надлежните безбедносни органи и, во соработка со меѓународните пријатели, е координирано постапено. Имаме доста докази во насока на поткрепено основано сомнение дека овие лица постапувале во насока да организираат, во иднина, одредени несакани настани ,кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот, кои би можеле да дејствуваат соодветно, во насока на реализација на нивните цели – рече Тошковски.
Приведените што имале надворешни конекции со екстремистички и радикални групи, најверојатно, ќе одговараат за кривични дела поврзани со делување во терористичка организација. Приведените што се македонски државјани, ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, кој ќе одлучува за мерката притвор.
,,Кривичното дело за кое е поднесена пријава е терористичка организација, а во однос на мотивите, имаме основани сомненија дека се поврзани со одредени групации што се во поддршка на одредени екстремистички и религиозни групи – изјави Тошковски.
Според кривичниот законик терористичкото дејствување е опфатено во неколку кривични дела. Финасирањето на тероризам предвидува затворски казни од две до десет години. МВР објави дека информациите, за организацијата која имала намери да прави инциденти за дестабилизација во земјава и во регионот, ги добиле по разузнавачки пат. (П.А)