„Радио“ и „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“ се насловите на книгите што завчеравечер, во рамките на програмата на „Охридско лето“, ги промовира авторот и новинар Љупчо Јолевски.
Добрила Грашеска, Игор Трпчески, Сашо Поповски и Александра Поповска, со своето учество на промоцијата во предворјето на црквата „Света Софија“, ја споделија убавината на пишаниот збор, на македонската музика и на македонската култура воопшто.
Поранешниот новинар Дејан Трајкоски ги гледа книгите на Јолевски како „текстуални винили“.
– Документаристички раритет. Искра светлина од мрачните лавиринти на македонското „копи-пејст“ новинарство. Навезени вистини за едни времиња, гледани одгоре, од високо, а срочени лесно, чиниш, како со пердув – вели Трајкоски.
Според професорката и писателка Ана Стојаноска, книгата „Неправилен ритам“, иако изгледа како место за чување на историјата, е одлична база за чување на сето она што значи во денешен контекст современа музичка култура и како таква треба да ни биде дел од нашето секојдневно културно и уметничко доживување.
Авторот на овие две исклучително вредни дела, Љупчо Јолевски, најави дека нема да застане само на овие две книги, туку наскоро ќе следува и трета книга напишана од неговото перо.
– Овие две книги беа моја лична потреба, не да оставам дел од себе, туку дел од македонската култура како документ, како сведоштво за времето што допрва доаѓа. Втората им е наменета на моите внуци, кои допрва ќе растат, и на сите нивни врсници да знаат што имало овде, на оваа земја. Тука сме да ја споделиме мислата, да ја споделиме песната, да го величаме зборот. Долго размислував за оваа моја промоција во Охрид, каде ќе биде, како ќе биде. Им благодарам на „Охридско лето“, на дирекцијата, на сите оние што се ангажирани таму, за оваа можност што ни дозволија вечерва да излеземе овде, пред вас и да кажеме некој збор, да ви понудиме вечер во која ќе го славиме сето она што е убаво, сето она што е вредно и, можеби, ќе ја запомниме потребата да бидеме блиски и да споделиме срцевина – рече Јолевски, посакувајќи да се множат културните настани во Охрид, кои ќе ја враќаат вербата во она што е, всушност, Охрид, „мека“ на културата.
Љупчо Јолевски е новинар, кој ја започна професионалната новинарска кариера на почетокот од 1980-тите, во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“, без малку едновремено со почетокот на интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Една деценија подоцна, во 1990-тите, се префрли на Втората програма на Македонското радио, каде што беше новинар и водител на неколку контактни и музички емисии, за од 1995 година, покрај редовните програмски обврски, цели четири години да биде уредник координатор на култната Стотројка (Музичко радио – Канал 103), која во тој период, за своите програмски дострели, ја доби и годишната награда на МРТВ. Истото ова признание што го доделуваше МРТВ, Љупчо Јолевски, како новинар и уредник, го доби и во 1998 година.
Во таа декада и пол, со своите текстови, тој беше присутен во ревијата „Екран“, магазините „Рок“, „Време – забаве“, „Македонско време“, „Град“…
Инаку, за својата долгогодишна работа во новинарството, минатата година ја доби наградата „13 Ноември“, која ја доделува Град Скопје.