Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, ги отпушти сите членови на Управниот одбор (УО) и стана единствен директор, соопшти денеска компанијата, пренесува Асошиејтед прес. Како што пренесува Би-Би-Си, тој потег бил откриен во документите на американската Комисија за хартии од вредност.
„На 27 октомври, по склучувањето на договорот за преземање, Маск стана единствен директор на Твитер“, се вели во документот.
Меѓу деветтемина отпуштени директори се поранешниот извршен директор Брет Тејлор и поранешниот извршен директор Параг Агравал.
Маск веќе најави дека планира големи промени во компанијата, како што е наплата на 20 долари месечно за верификувани сметки, а последните извештаи се дека сака да отпушти четвртина од своите вработени.
„Вашингтон пост“ исто така објави дека адвокатот Алекс Спиро, долгогодишниот правен советник на Маск, ги води разговорите за отпуштања по сектори.
Првиот циклус на отпуштања ќе влијае на речиси секој оддел, а најмногу отпуштања се очекува да бидат распределени меѓу секторите за продажба, маркетинг, техничка поддршка и безбедност.
„Твитер“ на крајот на 2021 година имал повеќе од 7.000 вработени, па се проценува дека речиси 2.000 работници ќе бидат отпуштени.