РАДИКАЛНА ИНТЕРВЕНЦИЈА: Оскарите годинава без водител?!

64

Американската академија за филмска уметност и наука е на чекор да ја повтори една од најрадикалните интервенции во својата историја, доделувањето на популарните Оскари да се одржи без водител. Како што пренесува “Варајети”, повикувајќи се на добро упатени извори, првпат во речиси 30 години најголемото филмско шоу на светот ќе нема домаќин.

Пред три децении наместо водител, продуцентот и режисерот на ова шоу смислиле 11-минутна музичка точка која главните актери и денес се обидуваат да ја заборават. Во неколку наврати, пак, имало по двајца или повеќе водители…

Така, наместо да се потпрат на една личност, продуцентите овој пат ќе одаберат низа познати ѕвезди кои ќе ја анимираат публиката и ќе и ги претставуваат различните сегменти. Одлуката е донесена кога Кевин Харт, претходно избран за водител, одлучил да се повлече само неколку часови подоцна, откако бил прозван на социјалните мрежи поради десет години стари хомофобични твитови.

Засега реакциите се поделени, но она што е сигурно е дека 91. доделување на Оскарите ќе биде одржано на 24 февруари, а номинациите ќе бидат објавени на 22. јануари.

Академијата исто така има најавено и скратување на преносот на три часа, а доделувањето на помалку важните награди би се одвивало во паузата за реклами.

Инаку доделувањето на Оскарите во 2018 година имаше најмала гледаност во историјата, 26,5 милиона во САД.