Работниците се „тепаат“ да работат на празници и во недела за дупла дневница

Поради малите плати и нискиот стандард, сè повеќе работници во државата се „тепаат“ да работат на празник и во недела за да земат двојна дневница. Освен во недела, работниците земаат повисока дневница ако работат ноќна смена и прекувремена работа. Според Законот за работни односи, работата на празник се плаќа вкупно 250 отсто за час поминат на работа, а за работа во недела изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа. Од Организацијата на работодавачи велат дека работниците сакаат да работат на празник и во недела за да земат повисока дневница, но проблем е што некој работодавци не им исплаќаат повисока дневница за 50 отсто

4196

Поради малите плати и нискиот стандард, сè повеќе работници во државата се „тепаат“ да работат на празник и во недела за да земат двојна дневница. Освен во недела, работниците земаат повисока дневница ако работат ноќна смена и прекувремена работа. Според Законот за работни односи, работата на празник се плаќа вкупно 250 отсто за час поминат на работа, а за работа во недела изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа. Од Организацијата на работодавачи велат дека работниците сакаат да работат на празник и во недела за да земат повисока дневница, но проблем е што некој работодавци не им исплаќаат повисока дневница за 50 отсто.

-Ако работи на државен празник, освен редовната дневница, која им следува и на оние работници што не работат на празник, работникот зема дополнително уште една и пол дневница. Тоа значи дека за работа на празник, работникот треба да земе вкупно две и пол дневници. Работниците, пак, што работат во недела, треба да земаат 50 отсто повисока дневница. Но, и покрај високите казни, има компании што не им исплаќаат 50 отсто повисока дневница на работниците за работа во недела. За прекувремена работа, дневницата е повисока за 35 отсто, а за ноќна смена – 5 отсто – објасни за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радоски од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Од ССМ велат дека работата на празник е работничко право што работодавците најмногу го прекршуваат, а работниците најмалку го пријавуваат.

– Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа, доколку не е утврден повисок износ на додатокот со закон и колективен договор. Правото на додаток на плата се однесува на секој работник без оглед дали работи во смени, прекувремена работа, во недела, ноќе и др. Додатоците меѓусебно не се исклучуваат. Tрговијата наголемо и трговија на мало не може да се вршат во недела, освен за мал дел исклучоци, и таму додатокот на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100 отсто за секој час поминат на работа – објаснуваат од Синдикатот.

Од Организацијата на работодавачи велат дека работниците сакаат да работат на празник и во недела за да земат повисока дневница, но проблем е што некој работодавци не им исплаќаат повисока дневница за 50 отсто.

– Кај нас, проблемот не беше дека работниците не сакаат да работат, туку непочитувањето на одлуката од некои работодавци за исплата на повисока дневница за 50 отсто. Сега имаме ситуација во компаниите каде што одредени оддели имаат право да работат во недела, а други не, работниците да сакаат да работат во тие оддели за да добијат повисока дневница. Ако и работниците сакаат да работат во недела, не гледам никаква пречка да не се работи во недела – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

И малите занаетчии неодамна побараа да работат во недела, бидејќи, како што рекоа, трпат големи штети поради тоа што не работат.

– Малите занаетчии од услужните дејности, цвеќари, фризери, козметичари, се надеваат дека ќе можат да работат во недела. Околу 70 илјади микро и мали компании се ограничени да работат во недела, а токму тоа влијае на ликвидноста на многу занаетчиски дејности што се услужни и не можат да работат во недела – изјави претседателот на Занаетчиската комора, Агрон Фазлији.

Комората ги повика институциите да ги земат предвид специфичните потреби на занаетчиите и да предложат алтернативни решенија, кои ќе ги заштитат нивните интереси и ќе овозможат континуитет во нивната работа.

(А.С.)