Работниците во октомври со повисоки плати – дури за 200 до 300 денари!

Платите на работниците во Македонија не се доволно за да го следат континуираниот раст на трошоците за живот. Синдикатите бараат поголемо покачување на платите на вработените во јавниот сектор, како и раст на минималната плата која изнесува 22.500 денари, во услови кога вредноста на синдикалната минимална кошница изнесува 60.570 денари. Од септември ќе има усогласување на платите на вработените во јавниот сектор според општиот колективен договор. Тоа значи дека работниците од следниот месец ќе добијат повисоки плати за 200 до 300 денари

1250

Работниците бараат покачување на платите поради континуираниот раст на трошоците за живот, но од власта велат дека пари во буџетот за оваа година нема. Платите на работниците во Македонија не се доволно за да го следат континуираниот раст на трошоците за живот. Синдикатите бараат поголемо покачување на платите на вработените во јавниот сектор, како и раст на минималната плата која изнесува 22.500 денари, во услови кога вредноста на синдикалната минимална кошница изнесува 60.570 денари.

Од септември ќе има усогласување на платите на вработените во јавниот сектор според општиот колективен договор, но тоа не значи покачување на платите. Ова усогласување е предвидено да биде 0,75 проценти од моменталната просечна плата во Македонија која изнесува 41.939 денари. Тоа значи дека работниците од следниот месец треба да добијат повисоки плати за 200 до 300 денари.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека ова покачување е минорно и е срамно да се нарече зголемување.

-Треба да имаме во предвид дека 10 илјади работници во државата земаат под минималната, а 25 илјади се на минимална плата. Она што ние го бараме е зголемување на економската и социјалната положба на работниците, а тоа не се постигнува со зголемување на платите за 200 до 300 денари што ќе го добијат наредниот месец. Сметаме дека сите пресметки што се прават сè со цел како да не се зголемат платите, а инфлацијата се намалува вештачки бидејќи е важен фактор за утврдување и зголемување на платите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски од ССМ.

Од Синдикатот апелираат до власта да се почитува општиот и сите колективни договори. Доколку не се случи тоа велат дека ќе продолжат со штрајкови и протести.

Во однос на барањето на синдикатите за средба за зголемување на минималната плата на 450 евра, која во моментов е најниска во регионот, премиерот Христијан Мицкоски рече дека се подготвени да разговараат со сите врз основа на реалните можности на Буџетот.

-Подготвени сме да организираме средба и со синдикатите и со работодавачите и сите заедно да најдеме решение. Убеден сум дека сите ние имаме заеднички интерес – да успее Македонија. Ако сите се водиме од овој заеднички интерес тогаш убеден сум дека ќе најдеме решение, изјави Мицкоски.

Инаку премиерот претходно изјави дека покачување ќе биде можно од следната година со оглед дека Владата претходните два месеца го направила ребалансот на буџетот, со кои се обезбедиле средства за законските усогласувања, но не и за зголемување на минималната плата.

Од ССМ велат дека во моментов не се задоволни од социјалниот дијалог што се води во државата. Велат дека ако продолжи вака ќе се зголеми незадоволството кај работниците кое вчера го изразија вработените во МАНУ и наставниците во Битола.

Од Синдикатите бараат да се зачува куповната моќ и да се овозможи достоинствен живот на работниците, бидејќи минималната потрошувачка кошничка се зголемува секој месец.

– Синдикалната кошничка секој месец е поголема за 200-300 денари, а најголемо зголемување има на трошоците за храната. Ова покажува дека цените постојано растат, но не и платите. Ние ќе се бориме растот на платите да биде усогласени со инфлацијата. Веќе не треба да се гледа висината на платата, туку што може да се купи за таа плата. Важно е да се зачува куповната моќ и да се овозможи достоинствен живот на работниците, додава Пешевски.

Инаку на едно семејство за да го помине месецот потребни му се 60.570 денари. Ако четиричлено семејство изнајмува стан, ќе му бидат потребни 75.945 денари, а двајца родители со една просечна и една минимална плата можат да покријат 64.500 денари.

(А.С.)