Путин се насочува кон Истокот

50

На еден час пред слетувањето во местото Сабета, Сонцето исчезнува од хоризонтот. За неколку минути залезот е видлив во облаците и потоа настанува мрак. Авионот на „Аерофлот“ слета на полуостровот Јамал, на најсеверниот дел на Сибир, во 14 часот, но набрзо во реонот веќе владее црна темница.

– Последен пат го видов Сонцето пред месец и половина, вели сервисерот Евгениј, кој работи во ова индустриско градче.

Сонцето одново ќе се појави друи кон крајот на јануари.

– На 25 и 26 јануари го прославуваме појавувањето на Сонцето, објаснува геологот Василиј.

Тој е стар „поларен лисец“ кој првпат дошол на Јамал во 1982 година.

– Тогаш живеевме во шатори на температура од минус 46 степени под нулата се присетува тој.

Во време на советската ера геолозите во тој реон го открија гасното поле „Јужно тандеское“, кое со предвидените резерви од 1,4 трилиони кубни метри гас стана суровинска база за развој на огромниот проект за течен природен гас „Јамал СПГ“. Сепак експлоатацијата на резервите започна дури неодамна.

Тоа е сосема разбирливо за Јамалскиот Полуостров. „Јужно Тандеское“ се наоѓа далеку на север – над 71 степен на северната географска широчина. Таму каде што реката Об се влева арктичкото Карско Море, а на брегот од време на време се појавуваат поларни мечки.

Камен на камен

Тука веќе никој не живее во шатори. За само седум години „Новатек“, вториот по големина руски гасен концерн по „Газпром“, врз замрзнатата земја изгради фабрика за течен природен гас, пристаниште, аеродром и населба за илјадници работници.

Во градчето наречено Сабета, кое се наоѓа дури и посеверно од норвешкиот Хамерфест, има дури и православна црква. Тука има се што му е потребно на еден човек – струја, топлинска енергија, изобилство од храна, фитнес сала, интернет. Но, и покрај тоа Сабета нема постојани жители.

Станбените згради се делумно населени. Работниците минуваат тука меѓу 30 и 45 дена, по што се враќаат на „континентот“ на 30-тина дена.

Сепак тука се гради, се истражува и се товари дури и во текот на зимата или барем додека температурата не падне под минус 32 Целзиусови степени.

При температура под минус десет Целзиусови степени во Сабета е пријатен декемвриски ден, додека започнува работата на третиот терминал на фабриката за течен природен гас со што таа работи со полн капацитет.

ВИП гостите меѓу кои и рускиот премиер Дмитриј Медведев, главниот акционер на „Новатек“, Леонид Михелсон, шефот на „Тотал“, Патрик Пујане и економски делегации од Кина и Јапонија ја следеа церемонијата на почеток на работата во заедничка сала. Има голема причина за славење бидејќи „Јамал СПГ“ беше изграден речиси една година пред планираниот рок и покрај екстремните услови.

Медведев го истакна насочувањето кон Азија, нагласувајќи ја стратешката важност на проектот.

– Веќе половина век нашата земја успешно соработува со западните соседи. Сега влегуваме и на азискиот пазар, изјави тој.

Токму тоа е стратешката цел на фабриката за течен природен гас чија изградба чинеше 27 милијарди долари. Азискиот пазар важи за особено доходовен, бидејќи потрошувачите во Азија плаќаат повеќе поради нивната оддалеченост од изворите на суровини.

„Јамал СПГ“ може да произведува 16,5 милиони гас годишно што е еднакво на 23 милијарди кубни метри. За споредба, низ гасоводот „Јамал-Европа“ годишно се пренесуваат 33 милијарди кубни метри. Гасоводите меѓутоа се неподвижни, а танкерите за течен природен гас можат да патуваат низ целиот свет благодарение на затополувањето на климата, што овозможи преку северниот морски пат да се стига до Кина и Југоисточна Азија.

Иако Пујане нагласи дека дел од овој гас ќе стига и до Европа, бидејќи неговиот концерн „Тотал“ поседува 20 проценти од „Јамал СПГ“, сепак уделот на Кинезите е поголем – кинеската компанија ЦНПЦ поседува 20 отсто, а Фондот на иницијативата „Патот на свилата“ уште 9,9 проценти.

Покрај тоа, преку кредити за главниот акционер „Новатек“, Кинезите си обезбедија долгорочни договори за набавка на огромни количества гас.

Тоа е првиот голем проект на Русија со кој реториката на Москва за диверзификација на енергетските извори се претвора во реалност. Гасоводот „Силата на Сибир“, што го изгради „Газпром“ ќе проработи дури во текот на 2019 година.

Трка со „Газпром“

Фактот што „Новатек“ е во водство пред „Газпром“ во трката на Истокот, е повеќе од симболичен. По прашањето на течниот природен гас концернот „Новатек“, во кој акции има и човекот од доверба на Путин, Генадиј Тимченко, веќе е далеку пред тромиот државен конгломерат „Газпром“. Михелсон планира дополнително да ги зголеми капацитетите на „Јамал СПГ“. Покрај него, тој развива и друг проект вреден повеќе милијарди долари. Станува збор за проектот „Арктик СПГ-2“, кој треба да се наоѓа на Гиданскиот полуостров на источниот брег на реката Об.

До 2030 година „Новатек“ планира да го зголеми производството на течен природен гас до 70 милиони тони. Тоа е идентично на речиси сто милијарди кубни метри, што е двојно повеќе од количествата на гас што преку гасоводот „Северен Поток“ се пренесува до Германија. Се очекува да биде зголемена и флотата од танкери-мразокршачи.

Кремљ сака да изгради терминали во Мурманск и на Качматка со што скапите танкери-мразокршачи ќе се движат само по северниот морски пат, а потоа „синото гориво“ ќе се префрла во обични танкери за пазарите каде неговата цена е највисока.

Иако ќе бидат потребни уште неколку години додека Русија обезбеди конечна диверзификација на енергетските извори, сепак почетните темели на тој проект веќе се поставени.

сторија на виенски Стандард